Македонија
Димитров: Ние Бугари нема да станеме, ама нема ни во ЕУ да се зачлениме

Земјата сепак се врти, напиша на социјалните мрежи поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
„Фарса, меѓу другото, се дефинира како настан или ситуација што е апсурдна. Деновиве во Собранието се одвива токму фарса, за две суштински важни прашања за македонските граѓани – нивната европска иднина – и за Македонците – нивниот македонски идентитет и јазик.
Собранието имено расправа за тоа дали да усвои заклучоци со што ќе ја задолжи Владата да ја усвои преговарачката рамка, но и да не преговара за историски и идентитетски прашања, што е спротивно на самата рамка и заклучоците на советот и воведната изјава на ЕУ.
Апсурд!“, пишува Димитров.
„Притоа, за соседна Бугарија протоколот е најбитниот елемент од пакетот и затоа впрочем им беше поделен на пратениците кога тие расправаа за пакетот.
Па ‘Дојче веле’ го објави протоколот што поминал низ нивната собраниска Комисија, најофицијален документ, не беа тоа некои спинови или полувистини.
Најофицијален документ за кој расправаа бугарските пратеници, а овде де го немаат видено, де не постои, де постои ама не е потпишан, де е билатерален (Стево Пендаровски) де не е…
Кај нас дрскоста оди дотаму што овој клучен документ (да повторам – што ги помина сите филтри на бугарската демократија и институции) се сведува на форма (записник од втората меѓувладина Скопје – Софија) иако неговата содржина е всушност договор за точките 5+1 (односно 4+1 по едностраната концесија на владата).
Да немате дилема – од исполнувањето на задачите во протоколот ќе зависи дали воопшто ќе го отвориме првиот кластер (Фундаменти – најважниот, каде се и владеење на право и борба со корупција) и како и дали ќе се движиме напред или назад во процесот.
Самиот претседател тоа го кажа во последното интервју, каде во збирот на тези и антитези ако убаво го следевте јасно кажува дека од билатералните прашања ќе зависи напредокот.
Затоа да се крие овој текст е голема измама. Како што впрочем беше измама и целото салто мортале од она историско НЕ во ова ДА, за предлог што е апсолутно суштински идентичен со одбиениот.
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во Собранието ни кажа убави работи. Убави, до душа малку и невешто изведени, и во најавата и денот потоа.
Што е за право, целиот процес нема да зависи само од комисијата. Абер стигна и од Париз и од Берлин.
Но, дури и овие убави зборови ги немаат напишано во документите. Немаме право на наивност по сите убави пораки пред референдумот за Договорот од Преспа.
Тоа што е битно се документите. А во документите јасно стои дека Протоколот (овој вториов) е суштински дел од пристапниот процес, дека за неговата содржина и имплементација ќе известува самата Европска комисија и дека и од тие наоди, покрај оценките за реформите, ќе зависат следните чекори за поглавјата и кластерите.
Затоа што требаше?
Прво отворено да се презентира вистинската ситуација пред граѓаните и да се бара чаре за како понатаму.
Со овој лош предлог.
Наместо со загриженост да ги отвориме сите дупки и опасности пред нас и да зборуваме како да се обезбедиме како нација од сите опасности што неминовно ќе ни бидат на патот, дебатата се сведе на вербален линч на критичарите. Целата стручна јавност, и дома и надвор има негативен став за Предлогот.
Кому помагаат лагите? Па минимум одговорност во вакви историски моменти каде се крои иднината на следните децении налага да се зборува искрено и да се впрегнат сите општествени сили во изнаоѓањето решенија и планови – како понатаму.
Знаете веќе сите дека преговорите нема вистински ниту да ги почнеме пред да го смениме Уставот. Да вметнеме Бугари, при што Бугарија на целиот глас кажува дека не го признава постоењето на македонскиот јазик, а со тоа и нашето мнозинство – македонскиот народ. Тие кои се против ова понижување утре ќе бидат прогласени за виновници што не одиме кон ЕУ.
Притоа, без никакви гаранции дека нема да има нови барања (една од црвените линии што се стопи).
Без никаква мотивација да заврши процесот, напротив (без уште една црвена линија – отворањето на Уставот да биде на крај).
Колку подолго ќе трае пристапниот процес, толку повеќе време за етничкиот инжинеринг како нескриена амбиција на официјална Софија.
Ги слушам тезите дека никој не може да ви го земе идентитетот. Тоа е точно. Но, бидејќи амбицијата на Софија сега е легитимирана и вградена во пристапниот процес, таа невозможност го прави и процесот на зачленување во ЕУ невозможен.
Ние Бугари нема да станеме, ама нема ни во ЕУ да се зачлениме.
Ќе биде многу тешко, можеби и невозможно да се поправи оваа историска грешка.
За неколку месеци сè ќе стане јасно и на тие на кои сега не им е докрај јасно што зборувам.
Посебно ако се смени Уставот. Отворањето на првиот кластер ќе зависи од исполнувањето на задачите од протоколот.
И тогаш кога од историчарите, наместо од реформите ќе ни зависи европската иднина и кога ќе имаме вечна и отровна политичка криза, нема да ни биде никаква утеха кога многумина ќе имаме легитимно право да ви посочиме: ‘Ама нели ви рековме’.
Галилеј соочен со апсурдот и бруталноста на инквизицијата кажал ‘Сепак се врти’ – реченица што останува низ вековите да одекнува за единствената вистина дека фактите се факти и дека нив можете да ги покривате, криете, разубавувате, спинувате – ама од нив бегање нема.
Белким ќе бидеме доблесни конечно да зборуваме за нив со отворени карти“, стои во напишаното на социјалните мрежи до страна на поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.