Македонија
Димитров: Од Грција очекуваме поддршка и помош на европскиот пат
„Одлуката за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ е клучна пресвртница и за Северна Македонија и за регионот во 2020 година, а воедно и потврда за посветеноста на Европската Унија кон нејзините геостратешки приоритети“.
Ова е главната порака што вицепремиерот Никола Димитров денеска ја испрати на средбите со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, и со алтернативниот министер за надворешни работи задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, на кои Димитров им пренесе дека Северна Македонија од Грција очекува силна поддршка во интегративниот процес.
Токму на средбата со МНР Дендиас во фокусот на разговорот беше ваквата поддршка и помош од соседна Грција како суштински дел во новото поглавје на односите меѓу двете соседни земји, но и голем чекор кон заедничката визија за иднината.
ЗПВ Димитров информираше за очекувањата во однос на преговарачката рамка да биде усвоена до крајот на оваа година, за време на германското претседавање со Советот на ЕУ.
На средбата со алтернативниот министер Варвициотис беа разгледани регионалната и билатералната соработка помеѓу двете земји, со посебен акцент на активностите кои треба да се преземат во наредниот период за интензивирање и продлабочување на Акцискиот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство и имплементација на Меморандумот за соработка потпишан помеѓу Секретаријатот за европски прашања на Северна Македонија и МНР на Грција, овозможува грчката страна да понуди конкретна техничка помош на македонските институции за побрзо усогласување на националното законодавство во конкретни поглавја од европското acquis.
И двајцата соговорници посочија дека понатамошното спроведување на преспанскиот договор ќе придонесе за продлабочување на билатералните односи, ќе им овозможи на двете земји да го искористат целиот потенцијал за политичка и економска соработка, но ќе овозможи и подобрување на соработка и координација во рамките на регионалните иницијативи. Беше договорена и посета на министерот Варвициотис на Северна Македонија во блиска иднина.
Вицепремиерот Димитров овие средби ги оствари во рамките на работната посета на Атина како дел од првата владина посета во странство предводена од премиерот Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеороловија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

