Македонија
(Видео) Димовски до судијата за „Талир“: Има многу судски рочишта, невозможно е да ги следиме
Кривичниот суд и обвинетите во предметите на специјалното јавно обвинителство и понатаму во расправа поради големиот број рочишта и термините за закажување на судењата.
Откако по којзнае којпат се одложи стартот за судскиот предмет „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, судијата Осман Шабани наредното рочиште го закажа за почетокот на септември.
На ова приговор имаше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека во септември имаат премногу закажани рочишта по другите предмети. Димовски побара наредното рочиште да биде закажано за октомври, но судечкиот совет не го прифати неговото барање.
„Судија мора да имаме и ние услови да ги следиме предметите. Во септември имаме многу закажани рочишта за ‘Титаник’“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Судијата Осман Шабани му се обрати на Димовски велејќи дека предметот „Титаник“ е важен, но и дека предметот „Талир“ треба да се води.
Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари, но од тогаш судењата за овој предмет беа одложувани дури 8 пати поради различни причини како отсуство или болест на обвинетите.
Во предметот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Обвинети се и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска само за делото перење пари.
За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

