Македонија
Директорот на РЕК Битола осомничен за незаконски избор на јавна набавка

Основното јавно обвинителство Битола, постапувајќи по пријава од Управата за финансиска полиција, поведе постапка против седум лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба , како и три лица за несовесно работење во службата. Дополнително, врз основа на согледувањата на јавниот обвинител, постапката веднаш е проширена и за едно правно лице и за управителот на тоа правно лице, кои не беа опфатени во пријавата од УФП.
Имено, сомненијата се дека првоосомничениот директор на РЕК Битола во постапката за јавна набавка за ископ на инвестициска откривка во Брод Гнеотино, ја искористил службената положба и овластувања и на 19.08.2022 година донел Одлука за избор на најповолна понуда, со која противправно ја отфрлил понудата на едно правно лице, иако таа била најниска. Спротивно на член 112 став 1 од Законот за јавни набавки противправно за најповолна понуда ја избрал поскапата понуда на осомниченото правно лице со кое склучил Договор и рамковна спогодба за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино и Анекс 1 кон Основниот Договор на износ од 849.600.000 денари.
Вториот, третиот и четвртиот осомничен ја искористиле службената положба и овластување како членови на стручна комисија за евалуација на техничката и професионалната способност на пристигнатите понуди на јавната набавка. При оценка на пристигнатите понуди тие ја ограничиле конкуренцијата и му овозможиле на првопријавениот да донесе незаконска одлука за избор на најдобар понудувач.
Петто, шесто и седмопријавениот биле претседател и членови на Комисијата за спроведување на постапката за јавна набавка кои противправно ја оцениле како неприфатлива понудата која била поевтина.
Осомничени се и три лица од Бирото за јавни набавки кои постапиле несовесно вршејќи управна контрола на постапката и констатирале дека таа е законски спроведена.
Со реализација на Договорот за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино, пријавените овозможиле осомниченото правното лице да оствари противправна имотна корист, со што на Буџетот на РСМ направена е штета во висина од 178.370.320 денари. За управителот на правното лице поведена е постапка за поттикнување на злоупотребата.
Имајќи го предвид наведеното, а особено имајќи предвид дека се работи за наводи за значителна имотна штета на Буџетот и сомнение за кривично дело за кое е запретена казна затвор од 1 до 5 години, основано е да се стравува дека осомничените лица без определување на мерки за претпазливост ќе имаат мотив да ја напуштат државата и да избегнат кривична одговорност за преземените дејствија.
Затоа јавниот обвинител од судијата на претходна постапка побара да определи мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и задолжително јавување кај надлежен орган. Мерките се предложени за седум лица, бидејќи за првоосомничениот веќе е на сила мерка притвор определена во друг предмет.
Исто така, со цел обезбедување на имотната корист од незаконските дејствија, јавниот обвинител предложи привремени мерки за обезбедување – замрзнување на пари во износ од 178.370.320 денари на банкарска сметка, како и движен имот од правното лице и управителот, односно 12 возила за кои има сомнение дека биле набавени со нелегално стекнатата имотна корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски не сака реформи, туку судство по своја мерка

Заканите на премиерот дека ќе му се случел народ на судството е порака дека тој признава само судство по своја мерка и дека не сака ниту подобро, ниту пак независно судството, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Наместо да се спроведат вистински реформи коишто сега за прв пат после толку години се на маса, ќе се протестирало, тоа е апсурд и политика без преседан. Се поставува прашањето дали ВМРО ДПМНЕ сака тоа да го направи, ставањето на партиска капка на судството, за да заштити некои свои неправилности и криминали во работењето, а ние секој ден откриваме и ќе откриваме во следниот период се повеќе и повќе и скандали“, рече Филипче.
Тој нагласи дека е недозволиво и недемократски да се користи гневот на граѓаните за, како што рече, да се присвои судството како што тоа го прави ВМРО ДПМНЕ.
„Ние сме го виделе ова сценарио, сите знаеме како завршува и како функционира судството кога ВМРО ДПМНЕ ќе го стави под свое. Вистинските промени можат да се случат само доколку се случат вистински реформи, а не со притисоци и закани“, рече Филипче.
Македонија
(Фото) Андоновски и Јорданов го означија почетокот со работа на новиот Центар за услуги во Штип

Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, го ставија во функција новиот Центар за услуги наменет за грѓаните на Штип и околината.
„Претставува исклучителна важност за нас како Министерство за дигитална трансформација што од одличната соработка со општина Штип, произлезе овој нов проект, нов Центар за услуги кој истоврмено е и меѓу првите во Македонија што го правиме во соработка со општините“, истакна Андоновски.
Министерот додаде дека вработените во министерството кои се од територија на градот Штип, од денеска се ставени во функција на граѓаните со цел поголема достапност на граѓаните до поголем број на административни услуги.
„Луѓето кои што се вработени во Министерството за дигитална трансформација одговорни за Штип ќе им издаваат административни услуги на граѓаните, токму тука, ова е еден вид собирање на сите услуги кои што се достапни на порталот да бидат достапни на граѓаните на едно место“.
Тој додаде дека интензивно се работи на нови услуги на националниот портал и наскоро очекува да се приклучат и останатите институции со цел граѓаните да имаат поголема корист и да заштедат на време.
„Мислам дека граѓаните ќе го препознаат ефектот на доближување на услугите до нивното место на живеење, и оние кои не се подготвени за онлајн аплицирање, тоа можат да го сторат со помош на вработените во овој Центар за услуги“, заклучи министерот Андоновски.
Андоновски го изрази и своето задоволство од соработката со општина Штип, и најави нови заеднички проекти помеѓу Министерството за дигитална трансформација и општина Штип.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Пуцко Петрол и СДС го труеле народот, преку тендери од над 180 милиони евра за 7 години

Пуцко Петрол и СДС го труеле народот, преку тендери од над 180 милиони евра за 7 години, рече денеска на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„180 милиони евра завршиле само на сметката на Пуцко Петрол, без притоа да се пресметаат 167 милиони евра за мазутот кој преку РКМ е испорачан до ЕСМ, т.е. РЕК Битола и ТЕЦ Неготино. Доколку се погледне целата сума се доаѓа до обрт од над 350 милиони евра кои СДС им ги овозможила на Пуцко Петрол, Јахоски и РКМ. Имено, Асмир Јахоски, Пуцко Петрол, од СДС како централна и локална власт за 7 години добил над 180 милиони евра во тендери. Пуцко Петрол 30 години имал статус на бела мечка во македонското општество, дозволено му било преку тендери да внесува што сака и како сака“, истакна пратеникот.
Според Стојаноски, сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се стави крај на, како што рече, неговото криминогено однесување.
„И СДС, освен да молчи и да стои со наведната глава, нема право буква една да изусти. Затоа што криминалите ги правел во нивно време и тие го толерирале, нивниот судско обвинителски систем му ги намалува сега мерките за обезбедување присуство. Тоа е истиот систем кој СДС го брани, а почива на погрешните кадри во Судскиот совет. СДС свесно го толерирале Пуцко Петрол. И овозможиле Пуцко Петрол и РКМ во набавка на мазут да свртат стотици милиони евра, за што главна асистенција им правел директорот на ЕСМ во бегство, Васко Ковачевски. Пуцко Петрол и Асмир Јахоски беспрекорно функционираат на државните тендери додека СДС владее и во значаен дел од тендерите тие се и единствен понудувач. Разработената шема на Пуцко Петрол и СДС ги чини граѓаните и живот. Секогаш кога ќе помислиме на загаден воздух, тука е Пуцко Петрол и РКМ да не потсетат зошто е тоа така, но и кој е причината, која не смее да се повтори“, вели Стојаноски.