Македонија
ДКСК: Богдановиќ не кажал дека планот е под мораториум пред продажбата на земјиштето кај „Холидеј ин“

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) утврдила дека градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, пред продажбата на земјиштето кај хотелот „Холидеј ин“ издал извод од планот во кој не назначил дека планот е под мораториум и дека постои ризик да претрпи измени. Изводот од планот го издал поради наводно решавање на имотно-правни односи, но на истиот извод се повикало Министерството за транспорт и врски при продажбата на земјиштето. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Иваноска, укажува дека градоначалникот и Советот на Општина Центар треба да се придржуваат на стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето.
„Продажбата ја извршило Министерството за транспорт и врски врз основа на извод од ДУП, кој не се применува, во согласност со одлука донесена од Општина Центар за запирање на спроведувањето. Изводот од планот го издал градоначалникот на општината за наводно решавање имотно-правни односи. Во барањето на подносителот е наведено дека изводот од ДУП е потребен за дооформување на парцелата. Изводот издаден од градоначалникот не содржи известување или напомена дека планот за кој се издава е под мораториум и може да претрпи некакви измени при негова ревизија“, рече претседателката Ивановска.
Парцелата била продадена врз основа на позитивно мислење од државниот правобранител, кој до Министерството за транспорт и врски испратил мислење, во кое вели дека нема правни пречки да се изврши продажбата на земјиштето. Исто така, државниот правобранител во дописот што го доставил до ДКСК истакнал дека градежното земјиште е отуѓено врз основа на важечки детален урбанистички план од 2012 година и укажува дека како прилог на документацијата е доставен и изводот од ДУП издаден од градоначалникот на општина Центар.
„Речиси 625 квадратни метри од земјиштето е на семејство што почнало процес на денационализација во 2013 година, но поради измени во Законот за денационализацијата од декември 2010 година, според кои се дозволува располагање со имот што е предмет на денационализација, земјиштето е продадено пред да биде завршен процесот на денационализација. Пред оваа измена постоела апсолутна забрана за располагање со имотот предмет на денационализација, без никакви дополнителни услови, со што се заштитувал имотот кој е предмет на денационализација, се заштитувале правата на сопствениците или нивните наследници, се овозможувало остварување на целта на законот, а тоа е враќање на имотот на сопствениците, односно наследниците. Наведената измена сметаме дека не е во согласност со Уставот според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, а правото е една од темелните вредности на уставниот поредок“, рече претседателката Ивановска.
ДКСК ќе испрати барање до Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализацијата, а понатаму укажува дека поради фактот дека земјиштето е продадено во време на мораториум кога ДУП се ревидира и може да претрпи одредени измени, постои реален ризик на влијанија од сопствениците на тоа земјиште врз натамошната постапка од ревидирање и донесување ДУП од страна на Советот на Општината.
„Со оглед на големиот интерес на јавноста и сензитивноста на ова прашање, ДКСК ќе поведе иницијативи за преоценка на законските решенија со кои се овозможува системска, односно законска корупција и ќе ја следи судбината на оваа парцела со решенијата што ќе бидат предложени во идниот детален урбанистички план“, рече претседателката Ивановска.
Министерството за транспорт и врски во октомври 2018 година по цена од 19.200 денари за квадратен метар продаде земјиште од 9.048 квадратни метри спроти хотелот „Холидеј ин“. Вкупната површина на парцелата изнесува 13.653 квадратни метри, од кои 4.605 се приватна сопственост, а 9048 квадрати се сопственост на државата. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, две години тврди дека земјиштето е легално продадено.
На парцелата, според ДУП, кој е стопиран, беше предвидена изградба на шеесеткатници.
Градоначалникот Богдановиќ, кој рече дека нема да дозволи да се изградат шеесеткатници, не е достапен за објаснување зошто во издадениот извод од планот не назначил дека тој е под мораториум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.