Македонија
Договорите на ВМРО-ДПМНЕ може да ги чинат граѓаните 1,3 милијарда евра за обесштетување на странските инвеститори, вели Битиќи
Пет арбитражни постапки за прекршени договори за заштита на инвестиции може да ги чинат граѓаните 1,3 милијарда евра, предупреди денес вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој од 2017 година е координатор за арбитражните постапки против државата. Активните пет арбитражи се за договори направени пред 2017 година. Последните две, поднесени ова лето, се однесуваат на стопираната изградба на шпанските скали на плоштадот Македонија во Скопје заедно со хотел и деловна зграда од албанската групација „Амадеус“ за која добиле известување пред една недела, а другата е иницирана од италијанската „ФЦЛ амбиенте“, на која ѝ беше раскинат договорот за партнерство во депонијата „Дрисла“.
„Овие два случаја кај јавноста предизвикаа навистина голем интерес во минатото и сите бевме запознаени во детали со постапките. Првиот е во судски процедури за кривични дела на вмешаните во постапките, а граѓаните беа јасно и гласно против двете донесени одлуки. Несовесното раководење, договорите во четири очи, негрижата за јавното добро и години владеење на ВМРО-ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на нашите граѓани, место да бидат употребени за развојни проекти, сега ќе треба да се користат за одбрана на државата и нејзините интереси во меѓународните спорови“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој извести дека за групацијата „Амадеус“ за неизградените шпански скали во Скопје во овој момент бара обесштетување од 110 милиони американски долари, а Италијанците од „ФЦЛ амбиенте“ најавиле дека во постапката ќе се утврди износот на отштетата, која ќе ја побараат за раскинатиот договор за партнерство со Градот во „Дрисла“.
Детали за постапките не изнесе оти процесот е веќе почнат, но најави дека за сите новости ќе ја извести јавноста. Во овој момент рече дека најголем аргумент на нашата држава е тоа што граѓаните се тие што одбиваа такви договори и го оспоруваа начинот на потпишување, а понатаму ќе преземат правниците. Битиќи цени дека овие две постапки ќе траат две-три години. Тврди дека мора да се воспостави начин да се бара одговорност од потписниците на штетните договори.
„Јас цврсто стојам на ставот дека лична одговорност мора да има секој еден денар, кој евентуално не е добро искористен во оваа држава. Мора еднаш засекогаш да се знае дека никој не може да се крие зад колективната одговорност. Секој што потпишал штетен договор, кој може да ја чини државата, треба да сноси одговорност“, рече вицепремиерот Битиќи.
Доколку државата изгуби некој од споровите, Битиќи посочи дека на потег ќе биде Обвинителството, кое ќе ја добие целата документација од арбитражата и од обвинителите зависи дали и колку ќе одговараат лицата што склучувале штетни договори за државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

