Македонија
Додевски: ООН препозна дека Македонија прави позитивни промени за остварување на правата на лицата со попреченост

Претседателот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Владата на Република Македонија, Спасе Додевски, информираше дека ова тело подготви акционен план за 2019 година со точно дефинирани мерки и активности, кои ќе ја забрзаат имплементацијата на Конвенцијата на ООН.
Тој истакна дека акциониот план е подготвен во соработка со организациите на лица со попреченост и дека двајца од членовите на Националното координативно тело се токму претставници на граѓанските здруженија.
„Владата одлучно и посветено останува и продолжува на определбите за унапредување на животот и развојот на лицата со попреченост, како и создавање услови за нивно достоинствено социјално и општествено вклучување на принципите на еднаквоста и недискриминацијата.
За таа цел, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост на денешната одржана седница, меѓу другото, одлучуваше и за можностите за директно имплементирање на препораките од Комитетот на ООН за правата на лицата со попреченост, според начелата на Конвенцијата.
Имено, по учеството на македонската делегација на 20. Сесија на Комитетот на ООН за правата на лицата со попреченост, од 9 до 11 септември 2018 година, на која се објаснуваше и дискутираше по иницијалниот извештај на Република Македонија, за досега преземените активности, Комитетот ни ги достави заклучоците и препораките според кои треба државата да се движи кон имплементацијата на Конвенцијата“, истакна Додевски.
Тој порача дека на 20. Сесија во Женева било потенцирано дека со промената на политичката гарнитура на власт во Република Македонија, евидентирани се крупни позитивни придвижувања кон остварување на правата на лицата со попреченост, посебно во делот на усогласување на националните механизми со членот 33 од Конвенцијата, деинституционализација на децата со попреченост, усогласување на антидискриминаторските политики, формирањето на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата во рамки на Владата на Република Македонија и во однос на други преземени мерки.
Со добивањето на овие препораки, рече Додевски, Република Македонија конечно доби јасен и отворен патоказ кон постапките кои треба да ги преземе кон постигнување на еднаквоста и унапредување на животот на оваа група граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Повлекувањето на обвинението против Димитриевски е срам за правдата

Скандалозен е потегот на Основното јавно обвинителство Куманово, кое, само неколку дена пред завршните зборови во судска постапка, го повлекло обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски без никакво објаснување, реагира СДСМ.
„Ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност“, изјави Соња Тодоровска, секретар на Општинската организација на СДСМ Куманово.
Според неа, станува збор за случај што бил воден повеќе од една година и се однесувал на злоупотреба на службена положба и нанесена штета од над 3 милиони денари, поврзано со издавање дозвола за градба. Од СДСМ обвинуваат дека обвинителството, без нови докази или промена на фактите, одлучило едноставно да се откаже од случајот.
„По чиј налог? Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса?“, праша Тодоровска, повикувајќи на итна истрага за одлуката и за мотивите зад неа.
СДСМ тврди дека ова е јасен показател за постоење на политички влијанија врз правосудниот систем, со цел прикривање на одговорност и заштита на поединци блиски до власта.
„Ова е срам пред правдата, направен во Куманово и уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити“, рече Тодоровска.
Партијата предупредува дека без независно обвинителство и непристрасно судство, нема ни правна држава, ниту доверба во институциите, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност.
Македонија
Мицевски: Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Струмица се заканувал со гасење струја за гласови

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, остро ги критикуваше предлог-кандидатите на СДСМ за претстојните локални избори, оценувајќи дека партијата тргнува кон сигурен пораз со, како што рече, истрошени и дискредитирани личности.
„Наместо нови и вредни луѓе, тие повторно нудат истрошени фигури, проверени послушници на Заев и Филипче“, изјави Мицевски, додавајќи дека предложените кандидати немаат углед ниту поддршка кај граѓаните.
Како пример, Мицевски го посочи кандидатот за градоначалник на Струмица од редовите на СДСМ, Марјан Даскаловски, кој, според него, е симбол на притисоци, закани и злоупотреба на политичка моќ.
„Даскаловски под насока на Заев во 2014 година се заканувал со бркање од работа и гаснење на струја на ромски семејства ако не го дале гласот за СДС“, изјави Мицевски.
Тој додаде дека, иако лицата се менуваат, „матрицата останува иста“ – односно дека, според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и натаму нуди кадри кои „сеат страв, се закануваат и го дестабилизираат општеството“.
Македонија
Алијансата за Албанците: Новата програма по историја е дискриминаторска

Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагира на новата наставна програма по историја за основно и средно образование, обвинувајќи ја Владата за дискриминација, фалсификување на историјата и исклучување на албанските експерти од процесот на изготвување на програмите.
„Во држава која се нарекува мултиетничка, исклучувањето на албанските историчари од работните групи за изготвување на наставните програми е институционален скандал и директна навреда за сите граѓани Албанци“, реагира партијата.
Алијансата наведува дека новата програма е изготвена на нестручен, тенденциозен и дискриминаторски начин, со што, како што велат, се избледува историскиот идентитет на Албанците и се минимизира нивниот придонес во балканската и европската историја. Меѓу посочените примери е и насловот „Илири и Дарданци“, кој според партијата е апсурден и ненаучен, бидејќи Дарданците се неразделив дел од илирското стебло.
„Ова не е обичен апел, туку силен повик за правда, еднаквост и достоинство во третманот на нашето заедничко минато“, порачуваат од Алијансата, повикувајќи го Министерството за образование итно да прекине со одобрување на учебници базирани на спорните програми и да обезбеди рамноправно учество на албанските историчари.
Партијата додава и дека ако историјата се искривува денес, иднината ќе се гради врз лаги.