Македонија
Доделени иновациски ваучери за 34 научноистражувачки проекти

Фондот за иновации и технолошки развој денес ги презентира резултатите од првиот јавен повик за иновациски ваучери, со кои се поддржуваат 34 научноистражувачки проекти. Проектите се наменети за развој на нови производи и услуги, со повисока додадена вредност, а на нив ќе соработуваат домашни компании и високообразовните институции од државата. Ова е прв ваков инструмент во Северна Македонија, а целта е ангажирање на сите капацитети на државата во креирање забрзан економски раст.
На јавната презентација на резултатите се обратија министерката за образование и наука, Мила Царовска, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, а домаќин беше Машинскиот факултет во Скопје, претставуван од деканот проф. д-р Дарко Данев.
Министерката Царовска истакна дека реалниот сектор ја увидел потребата од инвестиции и примена на академските знаења во развој на бизнисите.
Деспотовски рече дека од денеска почнува реализацијата на 34 проекти, на кои заедно ќе работат домашните компании и академската заедница во функција на економскиот развој. Тој најави и нов сет мерки за директна поддршка на научноистражувачката дејност во земјата.
Вкупниот износ на средства во јавниот повик изнесува 15 милиони денари и тие им се доделуваат на факултетите и истражувачките центри. Со иновациските ваучери се покриваат до 80 % од вкупните трошоци на научноистражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари. Преостанатиот дел од 20 % е учество на компанијата корисник на услугите од факултетите. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци.
Средствата ќе се користат за развој на нови и подобрување постојни производи, процеси или услуги; техничка спецификација, производство на лабораториски прототипови, изработка на демонстрациски прототипови, разни видови испитувања, валидација на технологија, советодавни услуги во врска со иновациска дејност, развој и воведување посебен софтвер за производ или процес, како и за специфични обуки во врска со развојот на технолошки решенија.
Меѓу другото, компаниите и универзитетите ќе работат на развој на систем за далечинско сензорирање рударски комплекси со помош на беспилотни летала, развој на модел на вентилаторски ротор за проток на воздух, валоризација на отпаден пластичен материјал за добивање рециклирачки профили за вградување во водни пумпи за наводнување.
Според анализата, 68 % се проекти на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, 26 % од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и 6 % од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола. Компаниите со кои ќе соработуваат се претежно стартап-компании – 71 %, и тоа микро (16) и мали (15) претпријатија и средни (3). 21 од нив се нови корисници, а 13 веќе користат средства преку другите инструменти на ФИТР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
Македонија
Муцунски: Автокефалноста на МПЦ ни носи духовна радост и душевен мир

Честитки по повод упатувањето на томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Аерхиепископија од страна на светиот синод на Српската Православна Црква, упати градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„ Искрено посакуваме и веруваме дека наскоро ќе следи официјалното прогласување на автокефалноста на нашата вековна Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Овие значајни одлуки и благопријатни вести ни носат голема радост, духовен мир и надеж за поубава и посветла иднина на сите нас во татковината, на сите Македонци ширум светот и на целиот христијански православен свет“ напиша Муцунски.
Македонија
Павле Трајанов: Автокефалноста на МПЦ-ОА е чин со историски димензии

Денес се случи историски пресврт, тоа што не беше можно со децении, се случи: Српската православна црква ја обнароди одлуката за признавање, одобрување и потврдување на Автокефалност на Македонската православна црква, соопшти лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
„ Ова е чин со историски димензии и патоказ за тоа како се гради заедништво, респектирање на посебностите и разликите.
Македонската православна црква е вековниот чувар на Македонскиот национален идентитет, на сплотеноста и единството, како и силен поддржувач и градител на Македонија.
Честитки до поглаварот г.г.Стефан, светиот синот и сите верници.
Во овие тешки времиња за Европа и Балканот, автокефалноста на МПЦ нека биде поттик и за мирно разрешување на сите отворени прашања помеѓу балкансите народи“ порача Трајанов.