Македонија
Дождливо и ветровито со температура до 25 степени
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со умерен до засилен ветер од западен и северозападен правец. На места врнежите ќе бидат од пороен карактер проследени со грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Од среда следува период на стабилно време со пониски утрински температури. Во деновите од викендот ќе дува засилен југоисточен ветер и преку ден ќе биде значително потопло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уставниот суд поведе постапка за линеарното зголемување на пензиите
Уставниот суд отвори постапка за член 2 од последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои се воведе линеарно зголемување на пензиите. Судот оценува дека одредбата може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, како и да создаде нееднаквост меѓу пензионерите со различни износи на пензии.
Станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување), односно со оспорениот член 2 правото на редовно месечно усогласување на пензиите пресметките направени врз основ на порастот на плати и трошоци на живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите прензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.
Судот го имаше предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека оспорениот член 2 се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи. Имено, се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии.
Пензијата е стекнато имотно, индивидуално право и согласно член 30 од Уставот правото на сопственост е гарантирано и никому не може да му биде ограничено или одземено. Следствено на ова, пред Уставниот суд основано е поставено прашањето дали со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14(забрана од дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка доколку „нема објективно и разумно оправдување”, односно ако не ја остварува „легитимната цел” или ако не постои „разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира”.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
Постапувајќи по овој предмет Судот ја отфрли иницијативата поднесена од страна на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска поради тоа што оспорените одредби(член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година) се од темпорален карактер и повеќе не се дел од правниот промет.
Македонија
Мицкоски: Не гледам причина за зголемување на платите на судиите и обвинителите
Детално периодот го проучувам овој случај, вклучително и делот со буџетот кој што се одвојува за обвинителството и судството, дури и Венецијанска комисија има забелешки за тој член каде што се определува буџетот за судскиот буџет, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски посочи дека не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што рече, Македонија како држава, одвојува од буџетот пари за правосудниот систем, повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ.
„Јас пред неколку дена во едно интервју дадов една анализа во делот на финансирањето на правосудните системи во Европа. И од таа анализа направена и финансирана од европска институција тоа е Советот на Европа, за податоци 2022 објавени во 2024 година дојдовме до заклучок дека Македонија како држава, Владата одвојува од буџетот пари за правосудниот систем, повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ. Да речеме ние издвојуваме 0,39 проценти од нашиот БДП во 2022, замислете во 2023 и 2024 година БДП многу повеќе порасна отколку во 2022, да речеме Франција е 0,2, Германија е 0,3 проценти од нивниот БДП, просекот европски е отприлика 0,3, медијаната е помала 0,21 проценти“, истакна тој и додаде:
„Јас навистина не гледам потреба зошто овој процес на сила да го буткаме и зошто треба од овие да речеме за судовите се издвојуваат 0,3, другото отпаѓа на обвинителите и доаѓаме до вкупен број од 0,39 проценти. Не гледам како можеме ние да си дозволиме да покачиме на 1,3 проценти, 0,8 за судови, 0,5 за обвинител од БДП, тоа би било некаде отприлика 260 милиони долари годишно, но тие пари ги немаме. А од друга страна се бара од нас фискална консолидација бидејќи претходната влада не направила фискална консолидација, и ние од високи нешто под 5 проценти буџетски дефицит, оваа година се консолидираме на под 4 проценти, а до година се обидуваме да дојдеме и до 3,5 проценти, а зошто да не и под 3 проценти буџетски дефицит. Така што јас мислам дека 0,25 проценти е нешто кое што е прифатливо за судовите и 0,1 процент за обвинителите или се вкупно 0,35 проценти од нашиот БДП.
Ќе повторам има претседатели на судови кои што имаат месечни примања од околу 180.000 денари, отприлика 3.000 евра месечно. Јас како премиер мојата плата заедно со стажот со годините кои што ги имам од претходно е 155.000 денари, значи од прилика 2.500 евра. Не мора да е многу подолу, иста нека биде на претседател на суд. Судиите немаат под 100.000. Судија почетник на пример во Македонија, годишната бруто плата му е околу 19.134 евра, во Словенија 34.000 евра, некаде околу 85 проценти повеќе, во услови кога БДП на Словенија е 350 проценти поголем од нашиот. Значи четири пати повеќе ако ги гледаме овие пропорции“.
Премиерот рече дека нема да се мешаат во плановите за вработување и унапредување, но како Влада се одговорни за трошењето на секој денар народни пари.
„Ние ќе направиме закон со кој што ќе дозволиме еве плановите за вработувања, плановите за унапредувања да ги определуваат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а нас нека не информираат, ние нема да се мешаме. Еве го буџетот тој ќе биде толку, но од набавка на хигиенски средства, до реконструкција на објекти ќе треба самите да се грижат, а ние како Влада сме одговорни пред граѓаните за што се троши народниот денар“, дециден е Мицкоски.
Македонија
Перински во Виница: силна поддршка од државата за локалниот развој
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“ оствари работна посета на Општина Виница, каде со градоначалникот Митко Костадиновски и претставниците на Советот на општината разговараше за приоритетите, она што е потребно на општината и можностите за поддршка во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беше и работата на новоформираниот Ресурсен центар за поддршка на општините, како и Прирачникот „Патоказ за ефикасно локално управување“, кој вчера електронски беше доставен до сите градоначалници како алатка за поефикасно управување во првите месеци од мандатите.
Во рамки на посетата беше направен и увид во реализацијата на проектот „Да ја поканиме природата во нашите градови“, финансиран преку првиот повик на ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) Бугарија – Македонија, во рамки на Приоритет 1: „Позелен пограничен регион“.
Вредноста на проектот за Општина Виница изнесува 300.743 евра, од кои 15% национално кофинансирање е обезбедено од Министерството за локална самоуправа.

