Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност поради најавените метеоролошки промени со дожд, со умерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините, препорачливо е да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево – Охрид, кој е во изградба, во периодот од 12 до 16 часот, ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
· поради промена на вентил во шахта од Ф-6/4 (во објект на Министерство за Одбрана) на ул.1732 бр.32 во општина Центар, со прекинато водоснабдување ќе бидат, Собрание на град Скопје, општина Центар, Ноќен клуб Маракана и Сити Хотел од 09:00 часот до завршување со активностите. (oпштина Центар)
· поради промена на вентил во шахта од Ф-2“на ул.Македонија бб(кај Хотел Буши) во општина Центар, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците на дел од ул. Македонија (односно потегот од ул. Даме Груев до Рекорд), од 10:30 часот до завршување со активностите. (општина Центар)
Македонија
Муцунски во работна посета на Литванија: во фокусот продлабочување на економската соработка меѓу двете земји
На покана на министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кештутис Будрис, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски од 26 до 29 ноември 2025 година ќе оствари работна посета на Република Литванија.
Во рамки на посетата, покрај средбата со својот домаќин, министерот Будрис, во литванскиот Парламент Муцунски ќе оствари средба со литвански пратеници членови на комисиите за надворешни работи, ЕУ прашања и членови на Групата за соработка со земјите од Западен Балкан.
Во фокус на разговорите на вториот ден од посетата ќе бидат економските потенцијали и развојот на трговските односи, при што Муцунски ќе ја посети литванската Конфедерација на индустријалци, каде ќе оствари средба со нејзиниот претседател Видмандас Јанулевичиус и Министерството за економија, каде ќе се сретне со министерот Eдвинас Грикшас.
Во Вилнус, Муцунски ќе оствари и средба со македонски исселеници кои живеат и работат во Литванија.
Ова е прва посета на министерот Муцунски на Вилнус и се реализира во годината во која двете земји одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Целта на посетата е севкупно интензивирање на билатералните односи, со посебен акцент на продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји. Главни теми на разговорите ќе бидат билатералните односи, македонската интеграција во ЕУ, како и клучни регионални, европски и трансатлантски прашања.
Македонија
Поради врнежите се очекува зголемен водостој на дел од реките, ЦУК апелира на внимателност поради навеви на снег на повисоките места
Состојбата со врнежите од дожд кои ја зафатија државата во моментов е стабилна, информираат од ЦУК.
„Согласно информациите од УХМР, се очекува зголемување на водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар, во сливот на реката Треска, реката Радика, реката Сатеска, во сливот на реката Коселска, како и на водотеците во Охридско-Преспанскиот регион. Зголемување на водостојот се очекува и на реката Лепенец, на водотеците и суводолиците кои доаѓаат од Шар Планина, како и во сливот на реките Пчиња и Струмица.
Поради високото ниво на подземни води, на одредени места е можна нивна интеракција со површинските води и појава на заезерување.“
Од ЦУК апелираат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците.
„Центарот за управување со кризи побара од единиците на локалната самоуправа да ги задолжат јавните претпријатија да ги проверат сите критични локации на кои е можно излевање или поплавување на реките, по најавите за нови врнежи од дожд и снег“.
Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да патуваат внимателно во следните денови, и тоа само доколку е неопходно, со доволно гориво во резервоарите и со соодветна зимска опрема, особено на повисоките места и планинските превои.
„Можно е да се формираат навеви од снег и одредени патни правци во одредени периоди да бидат непроодни.
Потсетуваме дека лицата кои живеат на повисоки места треба навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови).
Во случај на опасност или потреба, граѓаните може да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици – 112 во ЦУК“.

