Македонија
ДОМ: Рудник во Иловица нема да има
Зелената партија ДОМ бара да не се разводнува случајот на концесијата за Иловица-Штука и да се донесе одлука со која ќе се одбие спојување на концесиите и ќе се потврди одлуката на Владата и Второстепената конисија за одземање на дозволата за експлоатација на концесионерот.
„Жалбената постапка што концесионерот ја започна пред Управниот суд во врска со одземањето на дозволата за експлоатација на злато и бакар во рудникот Иловица-Штука, заврши со пресуда на Вишиот управен суд што може да го “воскресне” концесионерот. Уважувањето на неговата жалба со која се бара спојување на двете концесии и потоа повторно одлучување за одземање на дозволата е неприфатливо“, велат од партијата.
Од таму додаваат дека според судот, грешка е што надлежниот орган не одговорил на претходно барање за спојување на двете концесии, Иловица 6 и Иловица 11, за да може да се решава за дозволата за експлоатација.
„Ова барање за спојување е од 29.1.2016 година, но компанијата до денешен ден нема комплетна документација за Иловица 11, такашто ниту таа може да добие дозвола за експлоатација за Иловица 11, ниту може да се спојат концесиите. Понатаму, Владата ја одзеде концесијата за рудникот Иловица на 16.12.2019 година поради прекршување на Договорот за концесија, односно изминување на рокот од 2 години по доделувањето на концесијата до отпочнување на експлоатацијата. Имено, од доделувањето на концесијата (на 16.6.2012 година) изминале 7,5 години, а од потпишувањето на Договорот и Анексот на договорот (од 23.9.2014 година и од 22.6.2015 година) изминале 5, односно 4,5 години“, велат од ДОМ.
Уште едно прашање што треба да се има предвид, додаваат од партијата, е фактот што Министерството за животна средина и просторно планирање, спротивно на закон, донело Решение за одобрување на Студијата за оцена на влијание за едната концесија (Иловица 6) без истата да биде целосно објавена и без одржување на јавна расправа. Притоа, велат од ДОМ, на Иловица 6 се лоцирани објектите за површински коп (што вклучува и минирање) и за флотација, а на Иловица 11 се планира изведба на хидројаловиште и висока брана, а потоа концесионерот изработил Студија за оцена на влијанијата врз животната средина за двете концесии, без тие да бидат формално споени.ж
„Ова се само еден мал дел од огромниот број неодговорени прашања во врска со криминалниот процес на издавање концесии, кој сега станува исклучително опасен заради барањето за спојување на концесиите и враќање на повторно одлучување. Затоа апелираме судските перипетии да не влијаат на натамошните одлуки, односно да се опстои на претходната исправна одлука на Владата. Рудник во Иловица нема да има“, велат од ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

