Македонија
Донација на 200.070 вакцини од Полска

Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со првата дама на Република Полска, Агата Корнхаузер-Дуда, и првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, го посети Институтот за трансфузиона медицина, каде што се складирани 200.070 вакцини од производителот „Фајзер/Бионтек“, кои Република Полска ѝ ги донира на Република Северна Македонија.
„Во последните месеци живееме во натпросечно тешка ситуација предизвикана од коронавирусот, непријател што ги напаѓа народите во целиот свет. Во тој контекст, сметам дека меѓународната соработка е од особена важност бидејќи само со помош на меѓународната соработка можеме да се бориме со овој непријател. Ме радува тоа што за време на оваа официјална посета на Северна Македонија можам да предадам 200 илјади дози вакцини од производителот ‘Фајзер’ како донација за македонскиот народ“, изјави првата дама на Република Полска, Агата Корнхаузер-Дуда, упатувајќи апел до сите оние што не се вакцинирани да го дадат својот придонес за постигнување колективен имунитет и да се вакцинираат.
Првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, истакна дека оваа донација е уште една потврда за пријателството меѓу македонскиот и полскиот народ, но и чин на солидарност, кој ни е неопходен за време на оваа глобална криза.
„Во изминатите две години, верувам дека секој од нас имал некој во своја близина што бил болен од Ковид-19. Верувам и дека голем број од нас загубија блиски луѓе, роднини, пријатели. Затоа, сметам дека со оглед на сите податоци што постојат и што ни се достапни, само вакцината е единствен излез од оваа ситуација. Би сакала да ги охрабрам сите што немаат примено вакцина, заради себе, заради нивните блиски и заради сите во околината, да ја примат што побргу бидејќи повторно се соочуваме со голем број заболени секојдневно. Само со вакцинацијата, односно со масовната имунизација, ќе постигнеме излез од оваа криза“, рече таа.
Министерот за здравство, доктор Венко Филипче, изјави дека овие две години покажале колку всушност се важни помошта и солидарноста од другите земји истакнувајќи дека Полска е меѓу првите земји што го најавиле механизмот на солидарност и донација на вакцини.
„Со оваа значајна количина од 200 илјади вакцини од производителот ‘Фајзер’, нашите количини во овој момент практично се удвојуваат, односно имаме вкупно 470 илјади вакцини. Ова е сосема доволно за кус временски период, во согласност со новите мерки, кои верувам дека Владата ќе ги усвои, граѓаните да се вакцинираат и да спречат повторно да растат бројките и повторно да се соочиме со голем број заболени, а со тоа да се оптоварат болничките капацитети“, изјави Филипче.
„Верувам дека граѓаните ќе сфатат дека сите овие мерки, кои не е лесно да се препорачаат, се неопходни да го заштитиме здравствениот систем, да ги заштитиме и здравствените работници, кои неуморно речиси две години, интензивно, без прекин, работат деноноќно, а ние пренаменуваме други одделенија во ковид-центри со цел да се заштитат и државата и здравствениот систем“, заврши тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За извозот да не ги поскапи јајцата, Бектеши ќе обврзе прво да се обезбедат јајца за дома

Забрана на извозот на јајца ќе донесе санкции за државата, па затоа не се разгледува како опција, но за да се спечи скок на цените, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ќе ги обврзат производителите одреден процент да одвојат за домашниот пазар, доколку сакаат да имаат извоз. За ограничувањето со проценти, министерот вели дека Владата ќе одлучи утре, истовремено со замрзнувањето на цените на јајцата и оризот.
„Се зголемува извозот на јајца. Зголемена е побарувачката од други држави со поголеми цени од нашиот пазар. Ако донесеме одлука за забрана на извозот тоа ќе биде спротивно на договорите ЦЕФТА и ЕУ и ќе имаме санкции. За да ги зачуваме цените утре нема да донесеме само одлука за замрзнување на цените туку ќе го обврземе производството за да се обезбеди домашниот пазар. Процентуално ќе се прави извозот. Ќе се ограничи колку може како производство да излезе надвор од Македонија“, вели министерот Бектеши.
На утрешната седница Владата ќе ги замрзне цените на јајцата и на оризот. Министерот Бектеши уверува дека нема да се дозволи цените да скокнат поради Велигден и Рамазан Бајрам.
Цените на брашното и шеќерот, пак, ќе се следат. Владата очекува да се намалуваат, но доколку трговците не го направат тоа, ќе има замрзнување на цените и за брашното и шеќерот.
Македонија
Ковачевски на одбележување на 78-годишнината од основањето на Црвениот крст: Хуманоста да ја покажуваме на дело

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, кој годинава одбележува 78 години од постоењето.
Во рамките на одбележувањето на годишнината на Црвениот крст на Република Северна Македонија, се одржа и донаторска акција за собирање на помош за настраданите подрачја од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.
На настанот присуствуваа и министри во Владата на Република Северна Македонија, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународни организации, претставници на локалната самоуправа, претставници на компании, како и поддржувачи на Црвениот крст.
Целта на денешната донаторска акција беше да се обезбедат вкупно 1 милион евра, што и се постигна, со што се заокружи хуманитарната помош за Турција и Сирија, за чии настрадани подрачја досега се обезбедени над 960.000 евра, а доставена е и хуманитарна помош во материјални добра во вкупна вредност од над 91.000 евра.
„Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А, со истото несебично залагање за овие трајни вредности, посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години“, порача премиерот Ковачевски, во неговото обраќање за време на одбележувањето на седумдесет и осум годишнината од основањето на Црвениот Крст на Република Северна Македонија.
Тој потсети на досегашната помош за настраданите подрачја, нагласувајќи дека Владата издвоила близу 100.000 евра помош за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, при што, повеќе институции биле задолжени за испраќање тимови со соодветна опрема, на кои им изрази благодарност.
Зборувајќи за општата поддршка на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, премиерот, исто така, потенцираше дека Владата донела одлука и за одобрување на буџетски средства за 2022 година, во износ од над 243.000 евра, како финансиска помош за делување при итни состојби.
Додека, годинава, како што нагласи премиерот, Владата, донела одлука за финансирање на Годишната програма на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, за која е предвиден износ од над 130.000 евра, како и средства за обезбедување на трошоци за проектни активности, кои не се покриени од страна на донатори, во висина од близу 98.000 евра и средства во висина од над 32.000 евра за реализација на Проект за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за летен распуст 2023 година.
Премиерот Ковачевски упати повик до сите граѓани да се вклучат во денешната донаторска хуманитарна акција за помош на настраданите подрачја од земјотресите во Турција и Сирија.
„Мисијата на Црвениот крст на нашата држава е да работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедување почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, како и да го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, како и да поттикнува доброволно ангажирање и постојано подготвување за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.
Ваквите заложби се нагласени во визијата на оваа хуманитарна организација, каде се вели дека таа делува, поттикнува и промовира хумани вредности за навремено да одговори на современите хуманитарни предизвици.
Последен таков предизвик беа земјотресите во Турција и Сирија, кои беа и повик до сите нас повторно да ја покажеме нашата солидарност и хуманост. Тоа го направија и граѓаните, компаниите, Црвениот крст, како и Владата на Република Северна Македонија“, рече премиерот, порачувајќи дека преку ваквите донаторски акции ја покажуваме солидарноста на дело.
Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Саит Саити истакна:
„Денес несомнено работата на Црвениот Крст е порелевантна и попотребна од кога било, затоа што светот денес потсетува на брод кој плови по немирно море, со многу нееднаквости, експлоатирање, омаловажување, застрашување, војни, природни катастрофи и миграции на луѓе како резултат на економски, политички, социјални и климатски состојби. Основна причина која ги означува сите овие состојби е недостаток на хуманост и почит“, рече генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити, во обраќањето на годишнината од основањето на организацијата.
Потенцирајќи ја соработката со институциите, корпоративниот сектор, партнерите и донаторите во земјава и странство, Саити се заблагодари на сите оние кои се вложиле и ја поддржале организацијата.
„Хуманоста и солидарноста продолжуваат да бидат наша водилка и инспирација во обид да направиме позитивна разлика во животот на луѓето“, додаде Саити.
Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок изрази благодарност за помошта на Република Северна Македонија за Турција.
„Обединети во едно срце, јавните институции, невладиниот сектор, бизнис заедницата, образовните институции, млади и возразни, сите помагаа за настраданите од погодените региони. Не може да ги вратиме назад изгубените животи…Но, со сета можна сила ќе работиме за закрепнување на раните на оваа природна катастрофа. Одново ќе ги изградиме разурнатите градови и училишта.
Вие ја споделивте нашата голема тага.
Вие, во Вашата моќна солидарност, воедно ја споделувате и надежта на турскиот народ за обновата на погодените региони. Турскиот народ со благодарност ќе се сеќева на Вашата љубов и солидарност“, порача амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, во своето обраќање на годишнината од основањето на Црвениот Крст, во рамките на кој настан се организираше и донаторска акција за погодените подрачја во Турција и Сирија.
Македонија
Ковачевски за најавениот спектакл на Груби: Им посакувам успех!

Премиерот Димитар Ковачевски денеска преку прес-конференција ѝ посака успех на ДУИ на вечерашната трибина на партијата во Чаир запрашан за тоа како го коментира собирот.
„Тоа се нормални активности на секоја политичка партија, како што во последниот квартал во 2022 година ги направи и нашата партија СДСМ кога имавме 70 трибини и кои завршија со големата трибина со над 11 илјади члена и симпатизери во СЦ ‘Борис Трајковски’“, рече Ковачевски.
Првиот вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук-профил го најави големиот митинг закажан за денеска во Чаир, на кој ќе присуствува и Али Ахмети.
„Ми недостигаа ваква мобилизација и еуфорија каква што се создава кога се очекува да дојде националниот лидер Али Ахмети. Ветувам невиден спектакл, особено за младите“, напиша Груби.
Тој напиша дека сите чаирчани се на нозе.