Македонија
Донација од компјутерска опрема во МВР за поефикасна контрола на лесното оружје

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан денеска ја промовираа новата компјутерска опрема која ќе овозможи поефикасно следење и контрола на малото и лесно оружје во државата. Опремата се состои од 74 компјутери, 52 печатачи и 50 скенери, кои ќе бидат распоредени во Секторите за внатрешни работи и полициските станици, со цел непречено и поефикасно функционирање на информацискиот систем на МВР. Донацијата се реализира како дел од проектот „Подобрување на националните пракси за контрола на мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници“, кој УНДП го имплементира со поддршка на германската амбасада во Скопје.
„Ова е исклучително значаен проект во рамките на ‘Патоказот за контрола на мало и лесно оружје’, чиј потписник е и нашата држава. Имплементацијата на проектот ќе му овозможи на МВР побрзо и попрецизно да собира и анализира податоци за малото и лесно оружје во државата. На тој начин, нашата борба против овој вид криминал ќе биде поефикасна и веруваме дека ќе придонесе за зголемување на нивото на безбедност на граѓаните. Новиот полициски информациски систем во првата година ќе го користат околу 3.500 полициски службеници на различни нивоа, што ќе придонесе за побрза размена на информации меѓу секторите, а со тоа и за поодлучна и посеопфатна борба против нелегалната трговија со оружје“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Ова е втора донација на ИТ-опрема во рамките на проектот откако во октомври 2020 година беа испорачани 53 компјутери, 16 печатачи, 10 скенери и 25 специјални печатачи за дозволи за оружје. Покрај донацијата на опрема, во тек е развој на соодветениот софтвер за следење и контрола на малото и лесно оружје. Дополнително, во текот на септември ќе се одржат обуки за 250 вработени во МВР кои во пракса ќе работат во овој безбедносен сегмент.
„Главната цел е да се намали злоупотребата на малото и лесно оружје како една од најчестите причини за вооружените инциденти во државата. Донацијата на оваа опрема е само еден сегмент од целокупниот проект, кој ќе го надгради информацискиот систем на МВР, а преку развој и имплементација на Полициски информациски систем ќе обезбеди дигитализација и унапредување на оперативните процеси и ќе ја забрза институционалната размена на информации. Полицијата добива нова и ефикасна алатка во борбата против нелегалната трговија и незаконското поседување мало и лесно оружје, во насока на заложбите за унапредување на безбедноста во државата“, изјави Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП.
УНДП го реализира овој проект како дел од регионалната иницијатива „Патоказ за контрола на мало и лесно оружје“, чија основна цел е да се воспостави систем на контрола на малото и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, согласно европските и меѓународните стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.