Македонија
Донесени измените за урбанизам во скратена постапка – партијата Левица гласаше против
На денешната собраниска седница, пратениците од ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди гласаа за измените на Законот за урбанистичко планирање во скратена постапка. За жал, кај владејачкото мнозинство немаше слух за барањата на јавноста – овие измени да се носат во редовна постапка и да се отвори широка јавна расправа, велат од партијата Левица.
„Левица претходно побара да се тргне овој предлог-закон од дневен ред, затоа што сметаме дека за време на летни одмори недозволиво е да се носат законски измени, кои се од суштинско значење за квалитетот на животот на граѓаните. Владејачката коалиција го одби барањето на пратениците од Левица, со што покажаа дека поважни им се паушални и брзи решенија, наместо долгорочно решавање на урбанистичкиот хаос“, известуваат од партијата Левица.
„Во услови кога дури и поголеми градови функционираат со ГУП-ови стари и над 20 години, новата власт не покажува политичка волја да го постави урбанистичкото планирање на листата на своите приоритети. Напротив, со ваквите избрзани решенија ќе продолжи погубната пракса општините да функционираат со застарени ДУП-ови, кои не одговараат на параметрите на современото живеење и го влошуваат квалитетот на животот на граѓаните“, се додава во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски ги излажа граѓаните, нема намалување на цените, вели Кузеска
Најавите дека дополнително ќе се одлага носењето некакви мерки за намалување на цените покажува дека владата на Мицкоски нема економски концепт и не се грижи за стандардот на граѓаните. Му е гајле на Мицкоски за граѓаните, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Цените на храната растат неконтролирано и владата досега веќе требаше да излезе со мерки за намалување, а не да чека. Наместо да ги замрзне цените на производите, власта на Мицкоски ги замрзна платите, што е целосно погрешно.
Тоа не е случај со Владите од соседството кои на големо спроведуваат акции за намалување на цените, а платите продолжија да растат. Во Србија на пример, поевтинија над 700 производи.
Кај нас, Владата на Мицкоски доцни и мачка очи со цени на моливи и фломастери која исто така беше задоцнета мерка. Со вакви погрешни, катастрофални економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа“, истакнува Кузеска.
Македонија
Од почит кон Бугарија, поради авионската несреќа, Муцунски не реагирал јавно во петокот за фотографирањето без македонското знаме
Пропуст и непочитување на договореното од страна на бугарскиот протокол e фотографирањето на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев, без македонското знаме, покрај знамињата на Бугарија и на Европската Унија, објаснија денес од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Министерот Тимчо Муцунски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков, беше дел од делегацијата што ја придружуваше претседателката Сиљановска-Давква. Од Министерството за надворешни работи велат дека иако биле делегација од повеќемина, во работните простории на претседателот Радев, каде што била средбата, ѝ било дозволено да присуствува само на претседателката Сиљановска-Давкова. Другите членови на делегацијата како нејзина придружба биле сместени во посебна просторија.
„Фотографирањето беше на пат кон средбата меѓу претседателите. Македонскиот и бугарскиот протокол имаа координација пред средбата и јасно беше определено дека нема фотографирање. Ние сега бараме одговор на прашањето зошто бугарската страна отстапила од јасно договорениот протокол“, велат од Министерството за надворешни работи и нагласуваат дека по средбата, целата делегација заминала на заеднички ручек, на кој уверуваат дека имало и македонско знаме.
Иако можел веднаш да реагира на фотографирањето без македонско знаме, министерот Муцунски ја одложил реакцијата за првиот работен ден по посетата. Од Министерството објаснуваат дека министерот не реагирал од почит кон Бугарија поради авионската несреќа, во која загинаа двајца пилоти.
„Имаше консултации, но министерот не реагира јавно за време на посетата од почит оти фотографирањето беше само неколку часа по авионската несреќа во Бугарија, во која загинаа двајца пилоти. Беше оценето дека е несоодветно јавно да се реагира поради трагедијата“, уверуваат од Министерството за надворешни работи.
Од таму не објаснија зошто веднаш не реагирал македонскиот протокол, туку го дозволиле фотографирањето.
Денес, на состанок во Министерството е повикан бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, кому ќе му биде врачена протестна нота. Тоа нема да го направи министерот Муцунски, туку директорот на Инспекторатот за регионални инцијативи оти така било соодветно, објаснија од Министерството за надворешни работи.
Претседателката Сиљановска-Давкова и министрите Муцунски и Љутков во петокот имаа културно-дипломатска мисија во Бугарија. Отидоа за да го проследат настапот на Националната опера и Балет со операта „Набуко“ од Џузепе Верди, а настанот беше искористен и за средба на претседателката со бугарскиот претседател.
Македонија
(Видео) Кузеска: Мицкоски го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави
Премиерот Христијан Мицкоски наместо да го осуди понижувањето на македонската државата среде Бугарија и да побара одговорност за тоа што се дозволи национален срам без македонско знаме, се обиде да ги оправда виновниците – претседателката Гордана Силјановска Давкова и министрите во неговата Влада, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Ниту министрите, ниту Силјановска не реагирале за националното понижување во Бугарија заради жал за загинати пилоти, ‘не сакале да создаваат тензија’ вели Мицкоски. Демек знаеле дека е понижување и бришење под со Македонија ама не сакале да создаваат тензија? Па фотографиите само со бугарски знамиња тогаш зошто самите си ги објавија? Или и сликите ги објавија и се фалеа заради пилотите? Срамно е ова однесување на Мицкоски, го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави потценувајќи ја интелигенцијата на граѓаните. Па уште и ги навредува граѓаните. Мицкоски нема образ, па тој ли ќе зборува за свиткана кичма, дозволи Бугарија под да избирше со Македонија и да ни приреди национален срам среде Софија“, рече Кузеска.
Според опозицискат партија, овој скандал потврдува дека Владата и институците предводени од Мицкоски и Силјановска, немаат никаков капацитет за меѓународна политика уште помалку да обебзедат подобри услови на земјата во меѓународни рамки.