Македонија
Дополнителниот заменик-министер за финансии тврди дека не ѝ е дозволен увид во документацијата

„Министерството за финансии важеше за најорганизирана и најпрофесионална институција, со најголема и недвосмислена доверба и почит помеѓу соработниците и, се разбира, кај граѓаните. За жал, не можам истото да го кажам и за сегашната состојба. Заканите кон вработените и забраната да доставуваат документација и соработуваат со мене се унапредува и веќе сериозно го загрозува претстојниот изборен процес поради повеќе причини“, изјави на прес-конференција на дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.
„На ден 21.01.2020 година, од страна на министерката за финансии, а по претходно барање до кабинетот на министерот како надлежен сектор во Министерството, иако по 11 дена, добив известување дека Министерство за финансии не води евиденција на издадени известувања за обезбедени финансиски средства, односно согласности за вработување во институциите во Р Македонија, по институции број на лица, вид на вработување, односно ангажирање, а притоа нема таква обврска. Со ваквото известување и видно прикривање на податоци се буди сомнеж за сериозно попречување на организацијата на изборите и можно влијание врз граѓаните како гласачи на претстојните предвремени парламентарни избори.
Согласно Законот за Владата, вработените во министерството се должни да ги достават сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот, до кои согласно истиот закон дополнителниот заменик на министерот има право на неограничен пристап“, вели таа.
Според Кочоска, несфатливо е како Министерството за финансии нема евиденција на согласностите за вработувања и ангажирања, со оглед дека истите се изворна надлежност согласно Законот за буџети и Законот за трансформација во редовен работен однос. Дали тоа значи дека нема евиденција за тоа каде се трошат парите на граѓаните, колку средства се одлеваат од буџетот и по кој основ.
„Како ќе се оствари наводната определба на Владата за вложување во човечки капитал ако не се знае, односно не се води евиденција за колку лица се издала согласност, односно се обезбедиле средства за вработување, колку лица се ангажирале, каков вид работен однос истите засновале. Како би се утврдиле механизмите за подобрување на определена состојба без претходна анализа на определени параметри? Ваквиот одговор меѓу другото укажува и на немање капацитет на актуелниот кабинет на министерот за финансии, со оглед дека токму овие согласности согласно Правилникот за организација и работа на Министерството се во надлежност на оваа организациска единица.
Имено, во периодот на преодната Влада во 2015 година, каде како дополнителен заменик-министер за финансии беше Кире Наумов, по негово барање доставено до министерот за финансии податоците за издадени согласности биле навремено доставувани на начин на кој истите биле барани, за што доказ е овој одговор на барањето (копија од дописот), со оглед дека во овој период кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ се почитуваа законите, што сега, имајќи го предвид ваквото известување, не е случај. Притоа, ако ова тврдење на Министерството за финансии е точно и ако навистина не постои евиденција за предмети по кои Министертвото има изворна законска надлежност да постапува, тоа укажува на сериозно прекршување на одредбите од Законот за архивски материјал и Упатството за начинот и техниката на постапување со архивскиот и документарниот материјал во канцелариското и архивското работење, што навистина загрижува.
Од друга страна, не е јасно како во услови кога со закон е предвидено давање согласност од страна на МФ за ангажирање на лица со договор за дело и авторски договор, што не претставува известување за обезбедени, односно необезбедени средства, туку надлежност за издавање согласност што подразбира направена процена за нејзино издавање, Министерството нема евиденција. Во иста насока, се поставува прашањето кои се критериумите за издавање на оваа согласност, како се утврдува континуитетот за вакви ангажирања, како се спречува злоупотребата на овие институти кои можат да се на штета на работниците и дали воопшто се води грижа за реалната потреба за издавање вакви согласности, што впрочем е улогата на ова министерство при издавањето на овие согласности согласно законските одредби. Со оглед на ваквиот начин на однесување, очигледен е обидот за загрозување на процесот на изборите! Можеби задачата на министрите од СДС е да не дозволуваат увид во документацијата и нивно прикривање, но мојата задача е граѓаните да ја дознаат вистината за секој денар што е потрошен и дали трошењето е во согласност со закон.
Оттука, а со оглед дека го немам третманот согласно Законот за Владата и Законот за организација и работа на органите на државната управа, она кое јас можам да го сторам во оваа состојба е јасно и отворено да говорам за ваквите случувања, со цел јавноста да биде информирана сеопфатно, а притоа ќе ги искористам сите правни механизми кои ми стојат на располагање за да спречам какво било опструирање на претстојните избори“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.