Македонија
Дојави за бомби во училишта во Кавадарци

Министерството за внатрешни работи информира дека денеска околу 07 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта (две средни и три основни) во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа.
Оттаму информираат дека веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски во униформа: Басните за 2001-ва Али да му ги раскажува на Ковачевски кој дезертираше

Басни за 2001-ва Али Ахмети да му раскажува на Ковачевски кој дезертираше, напиша на социјалните мрежи, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски споделувајќи фотографија на која е тој облечен во воена униформа.
Ова се случува откако опозицискиот лидер претходно кажа дека бил добоволец во војната во 2001 година, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети возврати дека Мицкоски не учествувал во војната, туку само ја гледал на телевизија.
„Басните за 2001-ва може Али да ги раскажува на Димитар Ковачевски. Првиов се храбри од своите удoбни хациенди од Зајас, додека албанскиот народ, исто како македонскиот, гладува. Вториот како дезертер од 2001-ва сѐ ќе му поверува и мора да спроведе, за да прави криминал и тој самиот. Другпат добро нека гледаат и читаат што кажувам, а не да вадат од контекст. П.С. Јас пак мислев дека ќе се пофалат со нова фабрика…“, напиша Мицкоски.
Македонија
„Шанса за Центар“: Болници, градинки и јавни претпријатија се греат на нафта за домаќинства и мазут

Според договорите за јавни набавки за една сезона во скопската котлина може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство што директно влијае на загадувањето на воздухот. На овој енергенс се греат огромен број на училишта, градинки и болници во целиот град, па дури и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле.
Граѓанската иницијатива и советничка листа во општина Центар „Шанса за Центар“ изработи мапа која го покажува уделот на јавните институции во редот на загадувачите.
Мапирани се јавните објекти и установи кои се греат на мазут и екстра лесно масло за домаќинство. Од тука велат дека мазутот е исклучително „валкан“ енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво кое содржи многу повеќе сулфур отколку на пример највалканото автомобилско гориво – дизелот. Иницијативата е децидна дека нема магично, ниту брзо решение на проблемо со загадениот воздух кој го дишеме. Загадувањето доаѓа од многу страни и потребни се многу пристапи.
„Јавни објекти во Скопје кои се загреваат на нафта за домаќинство и мазут има најмалку 100. Барем ние толку успеавме да пронајдеме. Сигурно има уште… Количината на мазут и нафта за домаќинство која тие ја согоруваат е голема. На пример, ЈСП во своите автобази, Железници транспорт и Клиниката за физикална медицина и рехабилитација ќе согорат стотици илјади килограми мазут сезонава. Со нафтата за домаќинство пак која се гори во една сезона може да се наполни повеќе од олимписки базен. А тоа потоа го дишеме. Според договорите за јавни набавки за една сезона во скопската котлина може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство! На нафта за домаќинство се огромен број на училишта, градинки и болници во целиот град. Дури и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле користи нафта за домаќинство. Во скопската котлина една јавна установа – затворот Идризово, ќе изгори и 550 тони јаглен за загревање. Сето тоа заедно исто така придонесува за загадувањето на воздухот!“, велат од иницијативата.
Заклучуваат дека за да се промени начинот на греење кај домаќинствата е потребно повеќе време, напор, работа со граѓаните и пред сѐ прифатливи алтернативи за нив, но за да се промени начинот на греење кај институциите е полесно. Потребна е главно политичка волја и одлучност да се пристапи кон решавање на проблемот и таму да се насочат сериозни пари од буџетот.
„Ова е причина повеќе, покрај другите мерки, и да се продолжи со проширувањето на мрежата за парно греење на која треба да се приклучат сите јавни институции кои имаат пристап до неа. Општините пак да работат на забрзана замена на начинот на греење на оние јавни објекти кои се во нивна надлежности, а на кои градското парно им е недостапно“, предлагаат од „Шанса за Центар“.
Македонија
СДСМ: Изјавите на Мицкоски дека бил доброволец во 2001 покажуваат дека е заложник на Апасиев

Милитаристичките изјави на претседателот Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ, во делот каде што тој кажува како бил доброволец и победувал во војна, покажуваат дека тој е заложник на Апасиев, велат од СДСМ.
Владејачката партија коментира дека Христијан Мицкоски е политичар без став и визија за стратешките прашања и делува против интересите на државата и на граѓаните.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ стануваат заложник на популистичките политики и потпалувачките реторики на Левица, кои се испречуваат на европскиот пат на државата и се натпреваруваат со нив во штетното политичко делување“, велат од СДСМ преку соопштение.
Мицкоски пред два дена му се спротивстави на претседателот на ДУИ Али Ахмети кој за време на средбите со граѓаните од Тетово во својот говор рече дека на украинската делегација ѝ кажал дека треба да бидат искрени и ќе победат исто како што тие ги победиле Македонците.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ рече дека како доброволец во 2001 година го нема тоа чувство дека Али Ахмети е победник во таа војна и oти Ахмети на украинската делегација требало да ѝ каже и за колку стотици милиони евра е зголемено богатството на неговата фамилијаи на луѓето што го опкружуваат на сметка на инвалидите, кои го загубија животот.