Македонија
Дојдете во Вевчани на 13 и 14 јануари, влезете во новата година испразнети од негативната енергија, повика градоначалникот Кочовски
Градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, денес ги повика сите оние што сакаат забава и ја почитуваат традицијата, на 13 и 14 јануари да дојдат во Вевчани за Вевчанскиот карневал 2025 година. Најави дека карневалот како на филмска лента ќе ги покаже настаните од општествено-политичкиот живот изминатава година во земјата, кај соседите и во Европа.
„Пред сѐ, во овие два дена Вевчани ви нуди многу забава. Ќе бидете растоварени од сѐ она што се случувало и ќе влезете во новата година испразнети од онаа негативна енергија. Настаните што се случуваат во Вевчани ќе ги проследите како на филмска лента, сѐ она што се случило минатите 12 месеци, со желба дека ќе влеземе во една подобра и многу попросперитетна година. Ве поканувам сите да бидете присутни во овие два карневалски дена во Вевчани, на 13 и 14 јануари. Ви посакувам многу забава и чиста мисла. Вевчанскиот карневал или го сакате или го мразите, нема средина. Сите што дошле тука или се враќаат или не се враќаат, тоа е факт. Ако влезете со чиста мисла и за забава, јас мислам дека ќе поминете прекрасни два дена“, повика градоначалникот Кочовски.
Тој потсети дека маските со кои на сатиричен начин ќе бидат прикажани настаните од изминатата година се тајна и за него и оти изборот го прават самите учесници. Очекуваат многу гости од земјата, но и од странство.
Музичката програма ќе почне на 12 јануари вечерта со настап на охриѓанецот Пајак, по него – еден од најдобрите македонски бендови „Ареа“, а околу 23 часот, како специјален гостин од регионот, ќе настапи бендот „Забрането пушење“. На 13 јануари најавени се настапи на „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот со зурли и тапани од Вевчани, а околу полноќ Перо Бели и Коки.
Министерот за култура, Зоран Љутков, рече дека Вевчанскиот карневал, и покрај предизвиците што ги имаше и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, сепак опстојува како симбол на нашата култура и нашата традиција. Рече дека годинава Вевчанскиот карневал ќе добие пари од Министерството за култура, но не кажа колку оти комисијата сѐ уште работи и не ја донела конечната одлука, која се очекува во следните 15-20 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

