Македонија
До крајот на денот и во вечерните часови нестабилно со локално невреме

Денес, во попладневните и вечерните часови времето ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во текот на ноќта локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и појава на град, најави УХМР.
Во делови од Скопската Котлина во вечерните часови и во текот на ноќта ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, велат од Управата.
Во текот на утрешниот ден, претпладне времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа во јужните делови врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од северен правец, кој повремено ќе надминува брзина и над 60 км/час.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Региони
Вучиќ: Се потешко ми е да разговарам со многу од европските политичари

Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека е задоволен што Европскиот парламент не го прифати предлогот да се прекинат преговорите за пристап на Србија во ЕУ поради ставот за војната во Украина. Српскиот претседател, како што пренесува Нова.рс, вели дека официјален Белград и понатаму ќе продолжи да се однесува во склад со интересите на земјата.
„Имаше обиди да се прекинат преговорите со Србија. Мило ни е што тоа не е изгласано затоа што ќе беше погрешно и благодарност до поголемиот дел од ЕП што тоа не го прифати. Секој нека си ја работи својата работа. Нема да молиме никого. Важно е Србија да биде на европскиот пат, но секако важно е и да има слобода и право да размислува за своите интереси“ вели Вучиќ.
Тој рече дека се потешко му е да разговара со многу од европските политичари затоа што многу од нив сметаат дека се во војна и дека нема место за разговор.
Вучиќ ги негираше наводите дека е договорена негова средба со премиерот на Косово – Албин Курти во Брисел.
Македонија
(Видео) Митрески: Ќе дадеме наши предлог-заклучоци кои ќе се однесуваат на стратешките определби за членството во ЕУ

„Зборуваме за заклучоци коишто би се донеле евентуално по информацијата што ќе ја достави Владата до Собранието по која ние ќе разговараме. Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Јас денес очекувам одговорност од сите партии и пратенички групи бидејќи станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани“, изјави меѓу другото координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески пред денешната работна група во Клубот на пратеници.
Митрески рече дека како пратеничка група „ќе дадеме наши предлог-заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните – историски и образовни прашања. Ќе дадеме предлози и заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ“.
Митрески по новинарско прашање рече дека „како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата, да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието“.
Македонија
МНР: Нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување навредувачки пароли и поттикнување тензии

Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести. Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството, стои во соопштението на МНР.
„Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневнополитички говор, што претставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија“, велат од Министерството.
Оттаму нагласуваат дека „претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР и, како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид“.
„Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешнополитички чекори“, се вели во соопштението.