Македонија
Драстично покачени сметките за струја, власта повторно удри врз стандардот на народот, велат од СДСМ
„Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ повторно удри по стандардот на граѓаните! Со укинување на субвенциите за струјата, оваа власт ги остави домаќинствата на милост и немилост на енормно високите трошоци“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните низ целата држава се соочуваат со значително поголеми сметки за електрична енергија – во многу случаи, за 20% до 30% повисоки од претходните месеци. Само за јануари, голем број семејства добија сметки зголемени за 2.000 денари, достигнувајќи астрономски суми од 8.000 денари и нагоре, што е премногу.
Компаниите исто така алармираат дека цената на струјата им станува преголем товар.
Оваа ситуација е директна последица на неодговорните политики на Владата, која наместо да им помогне на граѓаните, само им го отежнува животот.
За разлика од оваа власт, во време на СДСМ електричната енергија беше субвенционирана, граѓаните добија евтина тарифа, а енергетската криза беше менаџирана без рестрикции. Денес, неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ ја плаќа народот од свој џеб.
Со ДПМНЕ животниот стандард на народот паѓа, сметките за храна, струја и парно растат.
СДСМ бара Владата веднаш да воведе субвенции за домаќинствата и да ги намали цените на струјата!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.
Македонија
Герасимовски на средба со противкандидатките Ивановска и Среброва, споделени предлози и идеи за поквалитетен Центар
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа средба со противкандидатките од локалните избори, Билјана Ивановска од „Независни заедно“ и Марија Среброва од „Левица“. Поради работни обврски, на средбата не присуствуваше кандидатот Мирослав Лабудовиќ од „Знам“.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите на секторите во општината, се дискутираше на повеќе теми од интерес на граѓаните: урбанизам, зеленило, нови паркинг-зони, планираното затворање на сообраќајот во Дебар Маало и друго.
„Високо ги ценам и почитувам моите противници во изборниот процес. Уште на предизборните дебати јавно потенцирав дека секој нивен предлог и иницијатива ќе бидат добредојдени. Нивните искуства со кои влегоа во трката, Среброва како советник во Советот на Општина Центар и Ивановска како поранешна претседателка на ДКСК, го кренаа нивото и квалитетот на целиот изборен процес. Се надевам дека ќе продолжиме со блиска соработка и во иднина,“ рече Герасимовски.
На средбата беше договорено ваквите состаноци да продолжат и понатаму, со цел развивање на заеднички иницијативи во интерес на жителите на Центар.

