Македонија
ДСЗИ: Болните од Ковид-19 да не прифаќаат домашно лекување ако за тоа немаат потврда од матичен лекар и документ за терапија

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) апелираат до граѓаните што се позитивни на Ковид-19 да не прифаќаат лекување во домашни услови ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување.
Директорката на Инспекторатот, Ирина Бухова, вели дека апелот го упатуваат со цел да ги заштитат граѓаните и нивното здравје.
Од Инспекторатот известуваат дека добиле претставка од здравствен работник за починато лице инфицирано со Ковид-19, кое, по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во ковид-центар во многу лоша здравствена состојба и починало само неколку часа по приемот.
Блиски роднини на починатото лице дале податок дека сега веќе починатото лице било лекувано седум дена во домашни услови со инфузиона терапија и ги навеле точните називи на лековите што му биле давани, а ги посочил во писмен допис и здравствениот работник што извршил прием на пациентката каде што таа починала.
Според сите законски прописи, испектори од ДСЗИ, веднаш по преставката на здравствениот работник, излегле на терен и утврдиле дека матичниот лекар на пациентката ѝ препишал само таблетарна антибиотска терапија, пациентката потоа никогаш не побарала преглед или совет од матичниот лекар и дека не е познато кој, на сега веќе починатата, ѝ давал терапија и притоа не оставил никаков пишан документ или извештај.
Од тие причини ДСЗИ случајот го пријави во Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денес сончево и топло

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена облачност, информираат од УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен и западен правец, кој долж Повардарието на места ќе засилува.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец.
Еве како ќе се движат температурите:
Македонија
Полициските униформи станаа тријазични

Стапува во сила Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата која Владата ја донесе пред една година врз основа на Законот за употреба на јазиците, во главниот град Скопје и во другите општини каде што живеат најмалку 20 отсто граѓани од заедниците.
Во Градот Скопје, во општините во Градот Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ознаките на основната униформа се: натпис „ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA”, „POLICE”, натпис „СООБРАЌАЈНА ПОЛИЦИЈА“, „POLICIA E TRAFIKUT”, „TRAFFIC POLICE”, амблем „ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA”, „POLICE”, амблем „ГРАНИЧНА ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA KUFITARE”, „BORDER POLICE”, амблем во форма на штит со намалени димензии и метална ознака за шапка, пишува во Уредбата.
Тројазични стануваат и амблемите на Единицата за интервентна полиција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лани најави дека најдоцна до март годинава униформите на полицајците ќе бидат двојазични – на македонски и на албански јазик.
– Се спроведуваат сите процедури од март 2023 година полициските униформи да бидат на два јазика. Оваа регулатива стапи во сила осмиот ден откако беше донесена и ќе почне да се применува најдоцна една година од влегувањето во сила, поточно најдоцна на 26 март 2023 година, изјави Спасовски.
Македонија
ДУИ се сретнаа да разговараат, Огнените ќе почекаат нивните теми да стасаат на ред

По седницата на Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) која траеше три часа, партијата денеска одлучи наредната недела повторно да се состане.
Според изјавите на претседателот Али Ахмети и на портпаролот Бујар Османи, наредниот пат најверојатно ќе има можност за внатрепартиска дебата за прашања околу партиското работење што во јавноста ги наметнаа членови кои се дел од т.н.. „Огнена група“. Ќе продолжи да се дебатира и за темата „Фронт за Европа“ односно процесот за уставни измени со цел членство во ЕУ.
–Идната недела ќе разговараме за конкретни делови за работа на Фронтот, но и за развојот внатре во ДУИ, и другите партии. ДУИ не е направена за да се распадне, туку е формирана за да гради. Нашата партија не е формирана за поделби, туку да формира нови работи. Разговаравме за европскиот фронт. Ако е потребно, може да разговараме пак за таа тема, изјави Али Ахмети по средбата со членовите на Централното претседателство.
Партискиот портпарол Бујар Османи рече дека денешната редовна седница на Претседателството била посветена на т.н. Фронт за Европа поради можноста за брзо членство во ЕУ.
-Сметајќи дека има неповторлив моментум за брзо зачленување во Европската Унија низ брза трака којашто се предвидува за регионот, имајќи го предвид решението на косовско-српскиот дијалог, сметаме дека е ургентно е неопходно да се соберат во еден заеднички фронт сите проевропски сили во државата за да се направат суштинските чекори. Бидејќи ако се испушти овој моментум, можеме да влеземе во сериозна ситуација на изолација. Едногласни беа ставовите на сите членови на претседателството дека важен е овој фронт, дека ова е единствена платформа за да се концентрира европската енергија на општеството за да се обезбеди европска иднина на граѓаните, истакна Османи.
Портпаролот на ДУИ ја објасни и состојбата со назначување на координатори во ДУИ во некои нивни ограноци. Информираше дека Централното претседателство едногласно има одлучено за распишување избори во сите ограноци.
На средбата беа и членовите на т.н. Огнена група кои, исто така, најавија дека за нивните барања ќе има дебата наредната недела.