Македонија
ДСЗИ ќе забрани на Токсикологија да работат лица со истечени договори оти директорката, која не зборува македонски, не им ги одзела пристапите
Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, не постапила и не ја потпишала опомената од Државниот санитарен и здравстве инспекторат (ДСЗИ) која од неа бара да им ги одземе пристапите на единаесетмина, чии договори за ангажирање истекле со истекот на 2023 година, но и покрај тоа доаѓаат на работа и се евидентираат во електронскиот систем. Бидејќи не ја почитувала опомената, директорката Иљази сега ќе добие забрана за пристап на лица кои немаат договори за работа, а доколку не ја почитува ниту забраната, ќе следи парична казна.
„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки. По истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по решението, но такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори, медицинскиот и организацискиот, беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите. Од документите ДСЗИ констатираше дека под точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници и соработници кои што немаат договор за вработување односно договорот им истекол на 31.12.2023 година, истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија, што значи не е постапено по решението“, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, рената Младеновска.
При контролниот увид на инспекторите им биле дадени документи кои покажуваат дека опомената со известување кои мерки треба да се преземат ја потпишал медицинскиот, но не и организациската директорка. ДСЗИ ги известил двајцата директори дека треба да им се одземат токените за идентификација и електронско евидентирање на работното време на лицата со истечени договори.
Директорката Младеновска денес извести дека од организациската директорка на Токсикологија добиле образложение зошто не потпишала. На вториот состанок со Иљази, исто како и на првиот се разбирале со преведувач оти таа не зборува македонски јазик.
„Таа има дадено изјава дека, во известувањето, од клиниката се бара да се одземат токените. Таа смета дека тоа не е мерка која е предложена од решението на ДСЗИ и побара да се вметне и тоа како мерка во самото решение за опомена па потоа да го потпише“, рече директорката Младеновска.
ДСЗИ ќе донесе уште едно решение за Клиниката за токсикологија во кое ќе забрани пристап на здравствени работници и соработници кои немаат никаков договор за вработување.
При контролниот надзор инспекторите констатирале дека клиниката единствено постапила по барањето да се свика Управниот одбор за да одлучува за актите во кои имаат заедничка надлежност медицинскиот и оргнизацискиот директор.
Клиниката за токсикологија веќе цел месец ја тресе скандалот со лицата ,кои и покрај тоа што немаат договори, доаѓаат на работа, многумина од лекарите јавно се пожалија дека немаат комуникација со организациската директорка, а мината недела, пак, пукна цевка за парно, направи поплава и се отвори нов скандал околу осигурувањето на клиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

