Македонија
ДУИ: Ги промовираме успешните резултати од спроведувањето на сеопфатните реформски и антикорупциски мерки

Демократската унија за интеграција ги промовира успешните резултати од спроведувањето на сеопфатните реформски и антикорупциски мерки како дел од нејзината континуирана заложба за транспарентност, отчетност и интегритет. Овие иницијативи се дизајнирани да ги зајакнат демократските процеси во партијата и да ја вратат довербата на јавноста во политичките институции, информираат од партијата.
„Како одговор на зголемената потреба за модернизација и инклузивност, ДУИ реализира сеопфатна реформа на својата партиска структура и работење. Клучните елементи на оваа реформа вклучуваат:
1. ДУИ ја зголеми својата транспарентност со спроведување на нови политики за да обезбеди поголем кредибилитет во процесите на донесување одлуки. Реформата вклучува отворени состаноци, редовно јавно известување и достапни канали за комуникација за членовите на партијата и јавноста.
2. Инклузивното учество е дел од заложбите на партијата за поттикнување на инклузивна средина каде што се слушаат и почитуваат различни гласови. Иницијативите за промовирање на родовата еднаквост и учеството на младите се приоритетни за ДУИ со цел да се обезбеди порепрезентативна партиска структура.
3. Воведувањето на новиот кодекс на однесување, кој ги наведува стандардите и очекувањата за сите членови на партијата, ги промовираше етичките стандарди на ДУИ. Овој кодекс служи како основа за подигање на свеста за интегритет и одговорност кај членовите на партијата и пошироката јавност“.
Како дел од својата реформска агенда, ДУИ, додаваат од партијата, воведе ригорозни процедури за ветинг на сите партиски кандидати и членови.
„Овие чекори вклучуваат:
1. Членовите на ДУИ кои претендираат да бидат избрани на партиски позиции подлежат на сеопфатни проверки на нивното лично и професионално делување, проверки кои сега се задолжителни за сите партиски кандидати. Овој процес има за цел да се осигура дека поединците со историја на неетичко однесување нема да добијат позиции на влијание.
2. Воспоставени се посебни процедури за скрининг за да се оцени соодветноста на кандидатите. Овие процедури имаат задача да ги проценат квалификациите, интегритетот и посветеноста на партиските вредности на кандидатите.
3. ДУИ воспостави механизам за повратни информација од јавноста, со цел собирање информации од граѓаните и членовите на партијата во врска со потенцијалните кандидати. Оваа иницијатива има за цел да го зајакне вклучувањето на заедницата во процесот на проверка и да обезбеди решавање на грижите на јавноста“.
Според партијата на Ахмети, успешните резултати од спроведувањето на реформите и антикорупциските мерки веќе покажале значајни резултати.
„Зголемената доверба и ангажман на јавноста е евидентна на сите состаноци и настани на ДУИ, како доказ за зголемувањето на партиското членство и нивното учество во партиските активности.
Забележана е подобрена внатрешна одговорност, што резултира со идентификување на можностите и потенцијалот за етички прекршувања, вклучително и подготовка на мерки за тоа како истите успешно да се спречат.
Се спроведува стратешки акционен план за зајакнување на партнерствата со граѓанските организации и меѓународните институции, конкретно посветен на промовирање на транспарентноста и доброто владеење“.
Како што велат од оваа партија остануваат цврсто во својата мисија да водат со пример и да негуваат политичка средина која се карактеризира со интегритет, инклузивност и одговорност. Реформите според нив се доказ за посветеноста на партијата да им служи на граѓаните и да ги поддржува демократските вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлогот на Мицкоски за оданочување на самците кореспондира со идеите од авторитарни режими, реагира Мрежата за заштита од дискриминација

За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, претседателот на Владата, Христијан Мицковски, изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Според Мрежата за заштита од дискриминација, таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.
Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина, го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности, ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи и не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост.
„Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија“, велат од таму.
Според Мрежата за заштита од дискриминација, ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот.
„Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство. Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска“, велат од Мрежата.
Од таму ја повикуваат Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус.
Македонија
Утре многу топло време, од четврток заладување

Утре времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура насекаде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
В недела во попладневните и во вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
В среда и в четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура.
Македонија
Ѓорѓиевски: 34 отсто од граѓаните живеат надвор од земјата

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска зеде учество на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Демографските предизвици бараат здружен одговор од сите сектори – институции, општини, граѓански организации, но и секој поединец. Локалната самоуправа, како прв контакт со граѓаните, има клучна улога“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека ЗЕЛС е подготвен активно да се вклучи во процесот.
Тој потсети дека демографскиот пад е сериозен – 34% од граѓаните живеат надвор од земјата.
„Младите заминуваат не само од економски причини, туку и поради слаба инфраструктура, недостиг на квалитетни услуги, недостаток на перспектива, или поради чувство дека институциите не работат за нив. Дел од нив се иселуваат и поради замор од постојани пречки – било домашни, било европски – на патот кон реализација на нивните соништа“, рече Ѓорѓиевски.
Во своето обраќање тој се задржа и на позитивните резултати кои се бежат во оваа сфера во Општина Кисела Вода .
„ Од аспект на градоначалник на Кисела Вода, сакам да назначам дека ние имаме позитивни резултати. Општина Кисела Вода во последните години бележи пораст на бројот на жители. Тоа е резултат на активни локални политики насочени кон задржување и враќање на младите. Но, мораме да бидеме свесни – не може и не смее целата држава да се потпира на неколку урбани општини. Преселувањето од внатрешноста кон градовите е само привид на раст – вистинскиот напредок се гради преку рамномерен развој на сите општини во државата“, рече Ѓорѓиевски.