Македонија
ДУИ го обвини Димитриевски за рушење на темелите на мирот
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на изјавите на градоначалникот на Куманово и лидер на движењето „За наша Македонија“, Максим Димитриевски, кои тие ги оценија како директен напад врз Бадентеровото мнозинство и темелите на Охридскиот рамковен договор.
„Вчерашните изјави на Димитриевски не се изолирани. Тоа е дел од оркестрирана кампања на оваа влада и нејзините партнери за рушење на правдата, еднаквоста и стабилноста во државата“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Од партијата потсетуваат дека уште од првиот ден на мандатот, Владата систематски ги поткопува темелите на мултиетничкото општество.
„Го укинаа балансерот, ја девалвираа имплементацијата на Охридскиот договор доверувајќи ја на Иван Стоилковиќ, човек со антиалбански и путинистички ставови, ја избришаа дијаспората од пресметките и со тоа ги намалија Албанците во општинските совети“, наведуваат од ДУИ.
Посебно алармантно, според нив, е обидот на Димитриевски да го отвори прашањето за Бадентеровото мнозинство.
„Тоа е уставен механизам кој гарантира еднаквост и стабилност. Секој напад врз него е напад врз самата архитектура на мирот во земјава“, порачуваат од партијата.
ДУИ потсети и на „дволичноста“ на Димитриевски, потсетувајќи дека токму тој им го забрани користењето на албанското знаме на советниците на ВРЕДИ, а денес, како што велат, се обидува да го релативизира Охридскиот договор.
„Ова не е случајност, ова е истата програма на ВМРО која пред изборите најавуваше укинување на Законот за јазиците и враќање чекор назад. Денес нивните партнери ја спроведуваат таа агенда“, велат од ДУИ.
Партијата најавува дека граѓаните ќе го дадат конечниот збор на претстојниот референдум.
„Октомври е близу. Народот ќе каже јасно и гласно – Охридскиот договор е недопирлив, достоинството на Албанците не е предмет на преговори, а секој обид за исклучување ќе биде жестоко казнет“, порачуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

