Македонија
ДУИ на средби со граѓаните: потребно е единство за да се запре понижувањето што им се прави на Албанците и на другите заедници
Демократската Унија за Интеграција вчера го одржа 16-тиот состанок на претседателството на Генералниот совет (Централното претседателство). На оваа средба се разговараше за актуелните политички случувања во земјата и регионот, како и за агендата на активностите во наредниот период, информираат од партијата.
„Централното Претседателство на Демократската Унија за Интеграција оценува дека одвојувањето на Република Северна Македонија од пакетот со Албанија на евроинтегративниот пат претставува лоша вест за земјата и за сите граѓани;
– ДУИ ги поддржува уставните измени согласно преговарачката рамка со ЕУ и ја повикува Владата без етнички легитимитет да покрене соодветна процедура за усвојување на измените во Собранието, во кој случај ДУИ ќе гласа за усвојување на истите час порано. Европската перспектива за ДУИ останува неоспорен приоритет и оваа позиција ја манифестиравме преку колективните оставки на министри во последниот мандат од причини за обезбедување на потребниот политички консензус, во кој случај докажавме дека за нас е поважна европската перспектива.
– Ги повикува сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот за ветинг на ДУИ, правејќи го овој процес инклузивен и со кој ќе придонесеме за зголемување на кредибилитетот на граѓаните во правосудните органи“, се истакнува во информацијата на оваа партија по синоќешниот состанок.
Ја нагласуваат важноста на долгогодишната одлука на ДУИ за целосни истраги над сите политички партии, без исклучок, во изминатите 33 години;
Бараат проверка и контрола на потеклото на имотот за сите носители на јавни функции во последните 33 години;
Од ДУИ ја истакнуваат потребата од целосна истрага на процесот на приватизација и транзиција заедно со олигархијата создадена од тој процес;
Партијата на Ахмети ја нагласува потребата од почитување на етничкиот легитимитет на изборниот процес и меѓуетничкиот карактер на институциите во согласност со волјата на гласачите и заедниците;
Изразуваат загриженост дека меѓуетничките односи се нарушени од владините политики без етнички легитимитет;
Апелираат до блиските пријатели на нашата земја, до потписниците на Охридскиот договор – САД и ЕУ, за уште поголема посветеност во овој момент за доследно почитување на Охридскиот договор од страна на институциите создадени по последните парламентарни избори;
ДУИ додаваат од партијата, ја нагласува потребата од блиска координација со стратешките партнери во рамките на НАТО за безбедносните институции во земјата;
„Смета дека одлуката на Уставниот суд за укинување на декларацијата за етничка припадност е неуставна одлука и против Охридскиот договор. ДУИ ги демантира сите клевети на Владата без етнички легитимитет за наводна вмешаност на ДУИ во минатото во усвојување на акти каде се елиминира изразувањето на етничката припадност. Одлуката на Уставниот суд ги подели судиите по етничка линија при одлучувањето, враќајќи нè на етничка мајоризација од минатото. Уставот во минатото беше генератор на криза, затоа апелираме до македонските политички партии и меѓународниот фактор да не ги прекршуваат елементите на Охридскиот договор во Уставот на државата.
Смета дека легитимитетот е национална обврска на сите избрани претставници, затоа уште еднаш упатуваме јавна покана до ВРЕДИ да се откаже од владата каде се понижуваат Албанците, додека ДУИ и Европскиот Фронт не се заинтересирани да учествуваат на таков формат на власта, напротив, потребно е единство за да се запре понижувањето што им се прави на Албанците и на другите заедници“, се додава во соопштението.
Централното претседателство на ДУИ, како што нагласуваат од таму, ја прифати иницијативата на своите ограноци за одржување на состаноци на ограноците со отворен карактер, со присуство на народ, со присуство на граѓани, на кои ќе учествува и највисокото раководство на ДУИ. Средбите со ограноците со народот почнуваат од среда, каде што првата средба ќе се одржи во Липково во 19 часот, а потоа продолжуваат со втората средба што ќе се одржи во Сарај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

