Македонија
ДУИ: Невработувањето 155 медицински сестри во тетовската Клиничка болница е срамен, дискриминаторски и политички мотивиран чин
„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и револт поради одлуката на актуелната влада ВМРО–ВРЕДИ да не даде согласност за засновање на постојан работен однос на 155 медицински сестри во Клиничката болница во Тетово – професионалистки, мајки и столбови на стотици семејства, кои со години посветено им служат на пациентите и на јавното здравство на државата“, велат од ДУИ.
„Таквата одлука не е само неправедна и политички мотивирана, туку содржи и елементи на отворена етничка и родова дискриминација. Наместо да се вреднува професионалноста на овие вработени, од кои многу беа во првите редови за време на пандемијата, тие беа игнорирани на најнедостоинствен можен начин.
ДУИ, како државотворна партија што со години вложува во изградбата на правичен и еднаков систем за сите граѓани на Северна Македонија, ја смета оваа одлука за опасен преседан кој сериозно го нарушува довербата во институциите, ги поткопува темелите на соживотот и ја враќа исклучувачката логика од минатото.
Неприфатливо е во држава што стреми кон членство во Европската Унија, со еден потпис да бидат исклучени 155 мајки и сестри, како резултат на затворен, партиски и слеп пристап кон општествената реалност.
ДУИ бара итно повлекување на оваа одлука и враќање на медицинските сестри на нивните работни места, со постојан работен однос.
Актуелната влада мора да разбере дека играњето со судбината на луѓето и со достоинството на жената нема да помине без политички последици. Молкот повеќе не е опција. Граѓанската реакција е неизбежна – и таа ќе биде масовна, праведна и насочена кон заштита на еднаквоста, достоинството и правото на работа во сопствената земја, без страв и без исклучување“, соопшти ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Митева: Јакимовски да објасни како е можно, за една година, со неговото семејство да станат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, Жданец
„Како е возможно, за период од една календарска година, градоначалникот Јакимовски да се најде во ситуација каде со неговото семејство стануваат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, во местото Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти во најскапата урбана зона на Скопје“, истакна на прес-конференција Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително Митева го праша Јакимовски како е можно парцели кои, според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски магично да станат градежно земјиште, и тоа, како што појасни со урбанистичка маркица која веќе е вцртана во планот.
„Дали за овие парцели, кои од зеленило станале градежно земјиште, е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да, кој го поднел тоа барање, кога, и до каде е постапката?
Дополнително, прашуваме дали е вистина дека во изминатата година, покрај домашните парцели, семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција?
Време е прашањата да добијат одговори.
Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности што се напоменати претходно“.
Македонија
Минчев: Цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Штип ја отвори третата серија од генеричките обуки за административните службеници, кои овој пат ги опфаќаат институциите од источниот регион на државата.
Со ова, Министерството за јавна администрација, како што додаваат од таму, ја продолжува агендата за професионализација на јавната администрација, откако веќе се реализирани две серии на обуки во кои повеќе од осумстотини јавни службеници од различни институции низ земјата стекнаа нови знаења и вештини за поефикасно и современо работење.
Во таа насока, Минчев истакна дека државата не се гради само преку закони, туку преку институциите што ги имплементираат и луѓето што ги спроведуваат тие закони.
„Јас цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони. И водени од тоа, нашата цел како Министерство е јасна, да создадеме администрација со луѓе кои се компетентни, мотивирани, кои ја чувствуваат својата работа како јавна мисија, а не само како работно место.“ – рече министерот.
Тој потенцира дека реформите во јавната администрација се процес полн со предизвици и отпор, но дека секоја обука, секое вложување во образование и развој е доказ дека Македонија се менува:
„Во секој реформски процес има предизвици, има отпори, има скепса. Но јас верувам дека токму овие моменти, кога сите заедно вложуваме во обуки, во образование, во подобрување на системот, се доказ дека Македонија се менува.“
Министерот нагласи дека вистинската промена не се случува преку ноќ, туку преку луѓето:
„Јас често велам – државата не се менува преку ноќ, туку преку луѓе. А овде гледам токму такви луѓе – луѓе што веруваат дека Македонија може подобро, дека институциите можат поефикасно, дека јавниот интерес вреди повеќе од личниот. Тоа е најсилната порака што ја испраќаме денес.“ – истакна Минчев, потенцирајќи дека Македонија има историска шанса да стане држава со современа, европска и човечка администрација.
„Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на развојот на компетентни и мотивирани јавни службеници, кои ќе ја обликуваат иднината на државата и ќе ја градат довербата на граѓаните во институциите“.
Македонија
Општина Карпош: Сите училишта во општината имаат фотоволтаични системи
Општина Карпош ги опреми десетте основни училишта на своја територија, со фотоволтаични централи кои произведуваат електрична енергија за свои потреби, соопштија од таму.
„Локалната самоуправа ја реализираше оваа иницијатива, откако претходно ја реновираше и кровната конструкција на сите училишни установи. Во случајов, училиштата и детските градинки во Карпош се енергетски ефикасни објекти, со оглед на тоа што истите имаат поставено термичка изолација, прозорци со трослојно стакло, а некои од нив се загреваат на системи од обновливи извори на енергија.
Општина Карпош е првата локална самоуправа во Македонија која постави хибридни колектори на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, кои служат за производство на електрична енергија и топла вода. Поточно, овие колектори произведуваат струја со моќност од 3,2 kw, а преку искористување на сончевата енергија се произведуваат и 300 литри санитарна топла вода, која се користи за потребите на кујната на оваа детска установа“.
Според планираната динамика, како што најавуваат, Општината ќе ги опреми и останатите детски градинки, кои заедно со основните училишта ќе бидат енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции.

