Македонија
ДУИ: Остро го осудуваме вооружениот напад врз нашиот кандидат во Куманово

Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега, велат од ДУИ по денешното пукање што се случи во Куманово во кое беше повредено едно лице.
„Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, велат од партијата.
Од ДУИ упатија апел до нивните поддржувачи, симпатизери и граѓани воопшто да останат смирени, да не подлегнуваат на провокации.
„Во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, нашата партија одлучи да ги прекине сите денешни активности, a институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот“, соопштија од партијата.
По пукањето пристигна и реакција на коалицијата ВЛЕН.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, при што е повреден д-р Зекрија Шаини. Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот. Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин, и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, велат од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски до Филипче: На митинзи ниту пратениците не ти доаѓаат, сам си со Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Центар, во рамки на кампањата за локалните избори на 19 октомври, која е под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина! се осврна на политичките противници и истакна дека народот ќе ги порази на овие избори а на митинзите на СДС дури и нивните пратеници не им доаѓаат, Венко Филипче и Заев се сами.
„Вчера нашите противници беа тука, освен тоа што кажаа дека ќе не направеле салата, на изборите, друго не понудија. Заев нудеше живот и ајро, а Венко среќа и салата. А вистината е дека ниту среќа ќе донесат, ниту салата ќе не направат. И знам дека зад тоа простодушно храбрење на сопствените митинзи, се крие огромен страв од поразот кој го чека, но еве да му соопштам на Венко дека народот салата нив ќе ги направи на овие локални избори. И разбирате дека СДС е партија на проблеми, го оставиле Венко сам да ја трга маката која сам си ја прифати и создаде, и товарот кој сам си го впрегна на грбот. Впрочем, тој, а да не кажам и Заев и неговиот струмички гуру, ја управуваат СДСМ, но е јасно дека Венко покрај помошта на неговиот гуру, ако воопшто може да се нарече некаква помош, од друго нема. На неговите митинзи со лупа не можете да најдете некој пратеник од неговата пратеничка група во Собранието, не можете да најдете ниту некој друг висок функционер, затоа што бродот кој тоне сите го напуштаат, а СДСМ со овие луѓе на чело одамна е во стечај. А таму се затоа што не извлекоа поука од ниту една работа што ѝ ја направија на Македонија. Нереформирани и во целосна безидејност. Никаква промена не направија“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека СДС се нереформирани и се истите тие луѓе кои виткаа кичма и потпишаа капитулација со Бугарија.
„Тие се истите луѓе кои виткаа кичма на секое прашање важно за државата, истите луѓе што потпишаа капитулација каде и да стигнат за пуста власт. И не за џабе токму Венко и неговиот гуру се македонските политичари со највисок рејтинг во Бугарија, затоа што реченицата што еден бугарски политичар ми ја кажа во четири очи, „ас сам платил“, е реченицата што ја објаснува секоја попустливост на Венко и СДСМ во однос на ова прашање. И затоа денеска матат некакви црвени линии кои се убаво запакуван поклон за Бугарија, и затоа не одговараат на просто и едноставно прашање, ако капитулацијата пред нашиот источен сосед бил најдобриот предлог што го штити идентитетот, како што тие тврдеа, тогаш зошто се црвени линии?
Јасно е дека црвените линии им требаат за нови отстапки и ново предавство, тие и сите треба да знаат, нема никогаш да дозволам да се случи била каква отстапка додека јас ја имам одговорноста да ја водам Владата а притоа македонскиот народ и Македонија да не добијат реципроцитет“ заклучи Мицкоски.
Македонија
Филипче: Зошто се плашиш Мицкоски од независно судство, затоа што нема да имаш контрола

На граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Кавадарци, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини власта за партизација на правдата и постави директни прашања кон премиерот зошто не се спроведени реформи во судството и од што се плаши.
„Зошто не направи ништо? Зошто не ги реформираше судството и обвинителството? Зошто се плашиш, Мицкоски? Дали затоа што знаеш дека, ако судството стане навистина независно, половина твоја влада ќе мора да одговара пред закон?“, рече Филипче пред присутните.
Претседателот на СДСМ директно го обвини Мицкоски дека не работи за независно судство,
туку за судство под негова контрола:
„Мицкоски не сака независно судство. Тој сака свое судство. Не сака обвинители по закон, туку обвинители по список од тефтерчињата во Белата палата. Тоа што го гледаме денес не е правда, туку партиска правда. Многу брзо Мицкоски, од голем реформатор, си го покажа вистинското лице – желба за партизација на судството. Сака да направи систем како оној на Груевски, каде што власта ќе одлучува кој ќе биде виновен, а кој ќе биде заштитен. “
Филипче праша дали ова се случува затоа што Мицкоски знае дека со независно судство, половина влада ќе мора да одговара пред закон.
„Ако навистина сакаш правда, биди маж. Кажи дека секој ќе одговара – и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од сите партии. Направи реформи и ќе имаш наша поддршка“, порача Филипче, повикувајќи на, како што рече, вистинска, непартиска правда за сите граѓани.
Македонија
Судиите мора да судат според законот а не според партиски влијанија, време е за ресет на системот, порача Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Илинден, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“. Мицкоски зборуваше на темата за судството во земјата, при што посочи дека време е да се изгради држава на правда, слобода и грижа за секого, затоа што слободата не е само дел од Уставот туку начин на живот. Тој кажа дека системот, со вградени кочници во институциите кој СДСМ го создаде, го кочи напредокот.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас и затоа велиме дека сега е времето за ресет на системот. Време е да ги скршиме ланците на неправдата и конечно да изградиме држава на правда, слобода и држава која што ќе се грижи за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според закон, а не според партиски влијанија, институции кои штитат, а не молчат, процедури кои враќаат доверба, а не создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин, брза, достапна и ефикасна“, вели Мицкоски.
Истакна дека СДСМ ја претвори државата во партиски бизнис и систем кој ги гуши институциите, систем на двојни аршини, а додаде и дека истото мора да заврши.
,,Слободата не е само збор во Уставот, туку начин на живот, слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. СДСМ ја претвори државата во свој приватен имот, партиски, бизнис и мафијашки систем кој ги гуши институциите, ја кочи правдата и го понижува народот“, рече Мицкоски и додаде:
,,Систем на двојни аршини, политички прогон и тендери во мрак. Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат државата, кочници вградени во институциите, кои делуваат тајно или откриено и го кочат напредокот на секое едно семејство. На сите нивоа постојат елементи на една длабока држава, мрежи што се шират низ партии, институции, па дури и низ различни етнички заедници. Тоа мора да заврши“.
Мицкоски кажа дека ресетот на системот нема да е политички, туку институционален, и мора да има правда и одговорност.
,,Овој ресет нема да биде само политички. Тој ќе биде морален, институционален и народен. Ќе има правда и таа ќе биде брза. Ќе има одговорност и таа ќе биде вистинска одговорност. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот. Ќе ја вратиме одговорноста, достоинството и она што ни е важно е да имаме систем на кој што сите ние гордо ќе му служиме. Затоа драги браќа и сестри, на овие избори не бирате само градоначалник туку и давате енергија за големи промени по изборите“, заклучи Мицкоски.