Македонија
ДУИ: Со амин на Бујаре Абази од „Вреди“, српска банка навлегува во сржта на финансискиот систем на Македонија
Демократската унија за интеграција изразува, како што велат, длабока загриженост во врска со потврдата на планот за навлегување на српскиот капитал во банкарскиот сектор на Северна Македонија, вклучително и последното одобрување на „АЛТА Банка“ за преземање на акции во Стопанска Банка Битола.
Конкретно, како што појаснуваат од оваа партија, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, на својата 65-та седница, предводена од претседателката Бујаре Абази, кадар на ВРЕДИ, дала дозвола на „АЛТА Банка“ АД Белград да поднесе официјална понуда за преземање на „Стопанска Банка“ АД Битола.
„ДУИ отвора сериозни прашања и бара целосна транспарентност:
• Дали во февруари 2025 година, во кабинетот на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во присуство на вицепремиерот Стоилковиќ, се одржал состанок меѓу Изет Меџити и Александар Вулин, на кој било разговарано и координирано ова крупно српско инвестирање?
• Доколку таков состанок се одржал, која била неговата цел и како е поврзан со одлуките за давање дозвола на „АЛТА Банка“ од институциите предводени од ВРЕДИ?
Овој случај покажува јасна манипулација: додека за отворање банки со албански капитал постојат огромни пречки, банките со сомнителен српски капитал немаат никакви проблеми да влезат на пазарот, дури добиваат и брзо одобрување од институциите“.
Потсетуваат дека Европската централна банка во 2024 година изрази сериозни сомнежи за можноста од перење пари преку обидот на „АЛТА Pay“, српска компанија предводена од Давор Маќура, да ја преземе „Addiko Bank“ во Австрија. Во овој контекст, додаваат, одобрувањето на „АЛТА Банка“ во Македонија отвора сериозни прашања за стандардите на транспарентност и финансиска безбедност.
„ДУИ бара јасни и итни одговори од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, вицепремиерот Стоилковиќ и Изет Меџити, со цел јавноста да биде информирана за мотивите, содржината и последиците од ваков состанок, и да се обезбеди дека стратешките и финансиските интереси на државата нема да бидат жртвувани во корист на интересите на „српскиот свет“.
Ова не е само економско прашање; преку банкарскиот сектор и олеснувањата дадени на банките со српски капитал, се прави обид да се воспостави директно влијание на „српскиот свет“ во Северна Македонија. Овој феномен не го загрозува само економскиот и финансискиот систем, туку и политичките текови, создавајќи простор за стратешки и институционални одлуки во корист на туѓи интереси, на сметка на националните интереси и интересите на Албанците и сите граѓани на државата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.

