Македонија
„ДУИ ја сака власта по секоја цена, би направиле влада и со Мицкоски и Левица“ – Меџити отворено и за Груби

ДУИ е завршена приказна за мене, вели Изет Меџити предводникот на „Огнените“ и иницијаторот на новото политичко движење од албанскиот политички блок, во интервју за „Макфакс“. Појаснува дека со лидерот на ДУИ Али Ахмети немал контакт веќе осум месеци, по ѕидот, кој, како што вели, се издигнал меѓу нив.
На прашањето дали се плаши од сенката на Ахмети или на Груби по одлуката за излегување од ДУИ, Меџити нагласува дека е подготвен да ја плати политичката цена за неговите убедувања.
Вели дека е свесен оти на ДУИ им пречи окрупнувањето на опозицискиот фронт и тоа што нема да имаат монопол во албанскиот кампус.
„ДУИ комуницираа добро и со ВМРО-ДПМНЕ до скоро, тие уште комуницираат и со Никола Груевски и со Сашо, немаат проблем да се прегрнат и со Вучиќ, Вулин и Дачиќ. Утре без никаков проблем би направиле влада со Мицкоски, без размислување. Тие сакаат по секоја цена да се на власт за да се заштитат, па и Левица да биде внатре“, истакнува Меџити.
Груби го познава од училишните денови, и како што вели, за него, разочарувачки е на крај и после долгото искуство, Ахмети да заврши по паметот на Груби.
„До сега де-факто лидер во ДУИ е Груби. Ахмети му има препуштено се. Ахмети е само формално лидер, песните ги пушта Артан наместо него. Функцијата која ја има, бара многу работа, да се бави со политика, но човекот за жал не знае да го прави тоа. Жално е тоа што го прави. За мене не е чудно оти класен другар ми беше, го познавам добро. Во овие 3-4 години не видовме ништо освен овие концертите што ги организира како да води уметничко естрадно друштво“, вели Меџити.
Според него, Груби и нешто добро кога прави, тоа звучи и изгеда лошо, алудирајќи притоа на Коридорот 8 и посочувајќи ја корупцијата и пренагласената политизација на проектот.
Дали власта има мнозинство за уставните измени, ќе имаме ли жежок период по прекројувањето на политичката карта во државата, дали Меџити очекува дополнителни притисоци по најавата за нова партија, за ова и поопширно во интервјуто за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.