Македонија
„Дурмо турс“ сам на себе си вршел технички преглед – двете фирми со ист сопственик
Исправноста на автобусите на туристичката агенција „Дурмо турс“ се проверувала во фирмата „АМЗ Гостивар“, која има ист сопственик. МВР за „Макфакс“ потврди дека техничкиот преглед на автобусот што учествуваше во несреќата, при што загинаа 14 луѓе, е извршен во „Авто-мото Гостивар“.
Според информациите од Централниот регистар, Дурмиш Белули е сопственик и на „Дурмо турс“ и на станицата за технички преглед „АМЗ Гостивар“.
Дурмиш Белули не сакаше да даде изјава за „Макфакс“. Тој не одговори на телефонските повици, ниту на СМС-пораките во кои поставивме прашања поврзани со несреќата.
„АМЗ Гостивар“ освен што врши технички прегледи, извршува дејности како авто школа, а работи и со осигурувања, зелен картон, меѓународни возачки дозволи, поштенски услуги и регистрација на возила.
Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, вели дека немаат ингеренции врз станиците за технички преглед.
„Во нашиот закон не е обработено дали еден газда може да има станица за технички преглед и истовремено да биде превозник. Кај нас во законот стои дека ние при контролите треба да утврдиме дали возилото е регистрирано и дали е извршен технички преглед. Такви документи при контролите утврдивме дека ‘Дурмо турс’ има. Станиците за технички преглед се обврска на Министерството за внатрешни работи“, изјави директорот Руфат Хусеини за „Макфакс“.
Екипа од Инспекторатот вчера излегла на местото на несреќата, но поради истрагата на Обвинителството, не правеле увид. Директорот Хусеини вели дека документот од извршениот технички преглед треба да стои во автобусот како дел од задолжителната документација.
И од Министерството за транспорт и врски велат дека немаат надлежност да утврдат дали е дозволено ист газда да има станица за технички преглед и да биде превозник. Велат дека нивната надлежност за „Дурмо турс“ е само административна.
„За оваа компанија во наша надлежност се само лиценците и дозволите. Бидејќи ги исполниле сите услови, на ‘Дурмо турс’ му се издадени четири лиценци, две за внатрешен и две за меѓународен превоз. Има две дозволи за внатрешен превоз. Едната за релацијата Гостивар-Скопје, каде што се случи несреќата, има важност до 3.7.2020 година, а втората дозвола, исто така за Гостивар-Скопје, е со важност до 18.2.2023 година. Двете лиценци за внатрешен превоз се со важност до август 2021 година, а до 2021 година им важат и лиценците за меѓународен превоз“, велат од Министерството за транспорт и врски. Таму немаа податок колку се стари 40-те автобуси на „Дурмо турс“, но нагласија дека само еден има мотор со Евро 2-стандард, а сите други имаат Евро 3-мотори.
Од Министерството известија дека „Дурмо турс“ има 18 линии за меѓународен превоз и 36 сертифицирани возачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

