Економија
Европската инвестициска банка отвора претставништво во Скопје
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се сретна и потпиша договор со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Гроот, кој е во работна посета на нашата земја.
Според Министерството, договорот претставува важна пресвртница во зајакнувањето на поддршката за економскиот раст и интеграцијата на земјата во Европската унија.
Од независноста до денес, ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги. Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и поголем пристап до техничка и финансиска поддршка што ја нудат европските институции.
„Од денес, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании – поддржувајќи ги во реализацијата на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија – отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратешките цели на Владата – забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција и усвојување на европските успешни практики и стандарди,“ изјави министерот Муцунски по средбата.
„Овој договор го зајакнува нашето партнерство и ги потврдува заедничките цели – поддршка на патот на Северна Македонија кон интеграција во Европската унија, подобрена регионална поврзаност и зелена транзиција,“ изјави потпретседателот де Гроот на церемонијата на потпишување во Скопје. „Одржливите инвестиции се од витално значење за градење отпорна економија, подготвена за иднината, која може да се натпреварува во рамките на ЕУ и глобално,“ додаде тој.
„Како кредиторски огранок на Европската унија, ЕИБ игра клучна улога во претворањето на европската посветеност кон интеграцијата на Северна Македонија во конкретни проекти,“ изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михаил Рокас. „Заедно, во рамките на пристапот „Тим Европа“, инвестираме во трансформацијата на земјата – поддржувајќи одржлив и инклузивен раст, модерна инфраструктура и подобар животен стандард за сите граѓани,“ истакна тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

