Македонија
Европска недела за тестирање на ХИВ, секое трето лице што го има вирусот не знае дека е позитивно

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ја одбележува Европската недела на тестирање на ХИВ веќе осма година по ред.
Денес, се проценува дека во нашата држава секое трето лице што има ХИВ не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно затоа што денес, благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата што немаат ХИВ доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат, информираат надлежните.
„Сакајќи да го направиме тестирањето за ХИВ подостапно и да ги охрабриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, ХЕРА ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. Овие услуги се достапни во нивниот младински центар на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот. За подетаљни информации и за закажување, граѓаните може да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерни протоколи за прием и нудење услуги на клиенти за време на здравствената криза предизвикана од Ковид-19“, велат од таму.
За граѓаните, како што додаваат, е достапна и мобилната андроид-апликација „Направи ХИВ-тест“, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации во земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.
Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации во Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.