Македонија
„Европскиот фронт“ бара оставка од Гаши во врска со статусот на албанскиот јазик: Тој ќе остане срам за нашиот народ и за историјата

„Европскиот фронт“ изразува револт и огорченост поради, како што велат, срамните и неодговорни изјави на претседателот на Собранието, Африм Гаши, во врска со статусот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија.
Тврдењето на Гаши дека единствениот службен јазик во земјата е македонскиот, а дека албанскиот е „преведен јазик“, за оваа партија претставува не само отворена лага туку и тежок чин на предавство кон албанскиот народ, историјата и тешко стекнатите права.
„Шокантно е, но не и изненадувачки, што Гаши – личност избрана за да служи како марионета во највисоката хиерархија на државата – може да падне толку ниско достигнувајќи ниво на самопонижување, кое дури и најжестоките анти-Албанци не би се осмелиле да го допрат. Овој срамен чин на подаништво и предавство покажува не само недостиг на интегритет туку и подготвеност за поткопување на уставните принципи на оваа држава, само за да ја зачува својата позиција. Да го потсетиме Гаши за некои непобитни факти: Амандманот V од Уставот јасно го дефинира албанскиот јазик како службен јазик покрај македонскиот. Законот за употреба на јазиците понатаму го консолидира користењето на албанскиот јазик како службен во сите сфери на јавниот живот. Во пракса албанскиот јазик е составен дел од институционалната, културната и општествената структура на нашата земја – реалност која не може да биде избришана со ниеден чин на сервилност“.
Според „Европскиот фронт“, со негирање на овие вистини Африм Гаши не само што го навредува албанскиот народ туку ја делегитимира и функцијата што ја има.
Како претседател на Собранието, како што појаснуваат, неговата должност е да го брани Уставот, да ја зачува меѓуетничката хармонија и да дејствува во интерес на сите граѓани, а не да предизвикува поделби, да сее раздор и да го намалува достоинството на втората најголема етничка заедница во земјата.
Ова, велат од „Европскиот фронт“, е предавство од големи размери.
„Зборовите на Африм Гаши звучат како реторика на оние што историски настојувале да ги маргинализираат Албанците, да го избришат нашиот идентитет и да ги потценат нашите придонеси во ова општество. Неговите постапки ги предаваат жртвите на генерациите Албанци што се бореле за еднаквост, претставеност и почит во оваа држава. Африм Гаши не претставува никого, освен себеси и тесните интереси на оние што го поставиле на оваа позиција. Тој не е глас на албанскиот народ и не ги отелотворува нашите вредности, гордост или аспирации.
Африм Гаши ја премина границата, која ниеден Албанец не ја преминал. Историјата ќе го памети ова предавство, а албанскиот народ нема да го прости“.
Бараат негова итна оставка од функцијата претседател на Собранието.
„Тој ќе остане срам за нашиот народ, за нашата историја“, потенцираат од „Европскиот фронт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.