Македонија
„Европскиот фронт“: Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“

„Европскиот фронт“ смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.
„Ниедна влада не може да го раскине договорот со конзорциумот ‘Бехтел и Енка’“, велат од „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ.
Оценуваат дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и, како што велат, најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропска Влада го реализира.
Договорот со „Бехтел и Енка“, како што се додава, е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ги оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација ѝ го носи на државата.
„Јавно прашуваме дали е ист ставот против Коридорот 8 и на албанската опозиција ‘Вреди’, губитниците на парламентарните и претседателските избори?! Досега во овие неколку дена нѐ нарекоа македонски Албанци, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“, велат од „Европскиот фронт“.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера најави дека ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“.
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран.
„Ваков каков што е, потпишан од оваа Влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“, рече Мицкоски.
Во март минатата година потпишан беше договорот за изградба на коридорите 9 и 10 д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години.
Коридорот 8 предвидено е да се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10 д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.