Македонија
Еднаков пристап за сите, психологијата не смее да биде елитна здравствена гранка, порака од конференцијата за подигнување на свеста за менталното здравје

Менталното здравје не е само индивидуална грижа, тоа е колективна одговорност, која нè засега сите нас. Преку признавање на неговата важност и подигање на свеста можеме да создадеме свет кој има приоритет на менталната благосостојба. Мора да ја скршиме стигмата за менталното здравје, да поттикнеме отворени разговори и да обезбедиме поддршка на оние на кои им е потребна. Ова е пораката од конференцијата за подигнување на свеста за менталното здравје во основните и средните училишта во организација на Либерален институт – Скопје.
„Почнавме со креирање национална стратегија за ментално здравје, која ќе овозможи, ќе биде еден патоказ за тоа како рано да се детектира кога некој страда од анксиозност или депресија, кому му е потребна психолошка помош и советување. Таа стратегија треба да биде водич понатаму од кој ќе произлезат и измени на законот“, порача пратеничка и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова.
Таа додаде дека сè повеќе познати личности и во светот и во Македонија ги споделуваат јавно своите проблеми со менталното здравје, но дека табуата постојат, особено во руралните средини. Зајкова ја потенцира и потребата од повеќе конференции на овие теми, повеќе кампањи, затоа што законот е едно, меѓутоа треба да се имплементира и менува свесноста кај луѓето за темата ментално здравје.
„Менталното здравје не го опфаќа само врсничкото насилство, тоа влијае и врз постпородилниот период кај жените. Исто така, влијае во секојдневните односи, најчесто младите се жалат дека неприфаќањето на нивните врски од страна на родителите, секојдневниот булинг што го имаме во училиштата и што го гледаме на социјалните мрежи, сето тоа се рефлектира на тоа да имаме нарушено ментално здравје кај помладите и тие да почнуваат да размислуваат во негативен контекст, односно да имаме вакви бројки и проценти, кои покажуваат дека одреден број луѓе размислуваат дури и на самоубиство, што навистина е загрижувачко“, вели д-р Андромахи Наумовска, специјалист по медицинска психологија.
Таа додава дека има психолози во училиштата, и во средните и во основните училишта, кои може да ги искористиме за советување и може треба веќе оваа тема меѓу учениците да не биде табу-тема, напротив, малку почесто да ги користиме педагозите и психолозите во образовните институции, односно тие да не бидат папиролози и административни работници.
„Изненадувачки е тоа што децата, можеби и адолесцентите, не се појавуваат на психолог, но мислам дека студентите се позачестени како таргет-група. Имаше едно сведоштво на една девојка што излезе и рече дека целиот свој живот како дете страдала, но конечно тоа престанало кога почнала да студира и имала стипендија со која можела да си дозволи психолог и мислам дека тоа е многу поразително за мене, затоа што, за жал, психологијата е сè уште една елитна здравствена гранка, да ја наречеме и за мене, а се надевам дека ќе постигнеме успех како во Англија. Иако сакаме да мислиме дека сме многу далеку од неа, не сме, имаме права што можеме да ги гарантираме, секоја јавна здравствена установа има итна ординација за ментално здравје кај младите и секој еден млад човек без упат, без посебна причина, може да влезе во болницата, да отиде во таа ординација и да ја добие поддршката што им е потребна. И за мене тоа е една комплетна мерка кон која можеме да се стремиме и да ја исполниме, мислам дека ќе победиме и ќе ја помрднеме стигмата многу“, рече активистката Андреа Угриноска.
Според специјалниот едукатор и рехабилитатор Горан Петрушев, многу е важно да се обрне внимание и на менталното здравје кај децата со попречености. Односно, сите заедно треба да креираат иклузивна клима, пред сè, во училиштата, стручните лица да си ја вршат својата работа, да бидат повеќе со децата, помалку со евиденција и регистрација и секако да се вклучат родителите бидејќи само заеднички во училиштата, родителите и здравствените установи можеме да превенираме и да направиме една благосостојба на учениците и да ги намалиме проблемите во менталното здравје.
„Ние како педагози секојдневно работиме со ученици, одиме и на обуки и често нè прашуваат: ‘Што правите вие за вашето ментално здравје’. И ние се справуваме на свој начин, понекогаш разговараме со психолог бидејќи за да им дадеме вистински совет на учениците, мора и ние самите да се грижиме за нашето ментално здравје“, појаснува педагогот Маја Затуроска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата на СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата изнесени од страна на политичката партија СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“.
„Потенцираме дека станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер, кој Министерството веќе повеќе од една деценија го користи за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, во рамки на истраги што се водат исклучиво врз основа на наредби и во согласност со законските процедури.
Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување, туку претставуваат стандардна опрема за дигитална форензика, каква што се користи и од други безбедносни институции ширум светот.
Напоменуваме дека ист софтвер бил набавен и во 2021 година, во време кога Министерството било раководено од министер од политичката партија СДСМ, што како факт сам по себе ја нагласува противречноста на денешните обвинувања.
Набавката е спроведена транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки и има единствена цел да го засили капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривање и докажување на кривични дела.
Министерството апелира до сите политички чинители да се воздржат од пласирање на дезинформации кои ја поткопуваат довербата во институциите. Очекуваме поддршка за професионалното и законито постапување на службите во интерес на јавната безбедност.
Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции што одговараат само на оние кои се плашат од функционални институции и владеење на правото“, пишува во демантот на МВР.
Македонија
Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред пратениците, Владата од него очекува макотрпна работа и посветеност

Собранието утре треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство.
Во биографијата пишува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.
Toj е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
Владата од Алиу очекува макотрпна работа, посветеност и реализација на Програмата во делот на здравството.
„Можам да кажам дека Предлогот ќе биде утре во Собранието и дека ќе наиде на поддршка. Очекувам Алиу да биде посветен на ресорот здравсто, да направи добра реорганизација и да ги спороведе сите политики што се наш приоритет“, рече денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
На утрешната собраниска седница, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во неговата биографија се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наодите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага, очекуваме извинување од СДС

Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.