Македонија
Естонија целосно ја подржува европската интеграција на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше видеосредба со министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу.
„Естонија е наш докажан пријател и ја цениме силната поддршка што ни ја испраќате за нашата посветеност во остварувањето на европските стандарди во сите области. Очекуваме во претстојниот период да се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи првата меѓувладина конференција, која ќе го означи почетокот на затворањето на поглавјата за нашето членство во ЕУ, како прв чекор за градење на нашата заедничка иднина“, потенцира Османи.
Министерот Реинсалу ја реафирмира определбата за натамошно јакнење на пријателството меѓу двете земји, ја поздрави реформската определба на министерот Османи во напорите за зачленување во ЕУ и укажа дека овој курс треба да продолжи да се имплементира во нашата држава.
На разговорот воедно беа разгледани можностите за интензивирање на високиот политички дијалог, соработката во доменот на безбедноста во рамките на НАТО, но и преку учество на наши експерти во НАТО-центарот за сајбер-безбедност во Талин, како и потенцијалите во трговијата, енергетиката, ИТ и дигиталните технологии.
Оваа средба е дел од дипломатската активност на министерот Османи во пресрет на претстојните европски самити на Европската Унија кога се очекуваат клучните одлуки за финализација на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција до крајот на годината како официјален почеток на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чизмите им останале заглавени во стопен шеќер, повредени неколку пожарникари, пожарот во „Винчини“ под контрола

Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата додека го гаснеле големиот пожар во фабриката „Винчини“. Тие се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните, а во обид да се одглават, нивните чизми останале заглавени и згазнале во стопената смеса. Пожарот е ставен под целосна контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека огнените јазици зафатиле три производни линии означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини.
„Сите три погони имаа сончеви панели на покривот и се целосно опожарени. Благодарение на навремената интервенција на пожарникарите, спасени се линиите од 1 до 5. Во гаснењето учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Пожарот е ставен под целосна контрола и нема опасност од негово ширење“, изјави Ангелов.
Според информациите, спасени се и дел од магацините со готови производи и суровини, со што спречена е поголема материјална штета.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) првично информираа дека пожарот во фабриката позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
Македонија
Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите

Родителите на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска по 21 пат излегоа на улиците на Кочани, барајќи правда и побрза реакција од институциите.
Протестниот „Марш за ангелите“ повторно ја помина добро познатата траса – од „Паркот на револуцијата“, покрај Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, сè до Основниот суд и Обвинителството.
Од таму, роднините се обратија директно до судиите и обвинителите, потсетувајќи дека веќе три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.
„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка“, изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.
Протестот се одржа само еден ден откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата во „Пулс“. Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
Со ова, случајот „Пулс“ добива нова димензија, додека семејствата на жртвите продолжуваат да бараат одговорност и правда – јавно, гласно и упорно.
Македонија
Петровска откри зошто декласификацијата предизвикува нервоза кај власта

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, изјави дека барањето за целосна декласификација на документите предизвикало паника и нервоза кај власта, која наместо да одговори транспарентно – се обидела да се претстави како жртва.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставуваат. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се прикажат како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат“, изјави Петровска во гостување во „Дневник“ на Сител телевизија.
Таа потсети дека претседателот на комисијата, Скендер Реџепи, го поднел барањето за безбедносен сертификат уште кон крајот на 2024 година, но шестмесечниот рок одамна е пробиен.
„Тоа отвора сериозни прашања за законитоста на надзорот“, додаде Петровска.
Пратеничката истакна и дека неколку пати биле закажувани и откажувани седници на кои требало да претседава Реџепи, а потоа тој самостојно закажал седница, што според неа создало негативен впечаток за работата на Собранието.
„Надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со јасна одговорност од сите. АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку столб на државата. Реформите мора да продолжат, но со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“, нагласи Петровска.
Таа посочи дека Собранието нема истражна функција и пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата.