Македонија
Жерновски: На најголемиот здравствен предизвик дадовме здрав одговор

Под заедничко претседателство на министерите за надворешни работи на Франција и Германија, Жан-Ив Ле Дриан и Хајко Мас, се одржа министерски состанок на Алијансата за мултилатерализмот, на кој учество имаше и заменик министерот за надворешни работи на , Андреј Жерновски. На настанот учествуваше и генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебриезус.
Министерскиот состанок беше посветен на зајакнување на мултилатералната здравствена архитектура и механизмите за спречување идни кризи, како и борбата против ширење дезинформации (Infodemics) во контекст на Ковид-19 пандемијата.
„Ние ги поддржуваме сите иницијативи кои повикуваат на колективен одговор кон пандемијата, преку ефективен мултилатерализа и со централна улога на ООН во борбата против кризата и справувањето со нејзините последици”, истакна Жерновски.
Тој посочи дека здравствената и економска криза со која се соочува глобалната заедница, ќе има долгорочни негативни реперкусии врз животите и егзистенцијата на сите луѓе во светот. Затоа, тој повика на почеста и позасилена координација и соработка на сите инволвирани чинители како ООН и здравствени и хуманитарни организации вклучувајќи ги локалните, национални и меѓународни невладини организации за контрола и ублажување на Ковид-19.
СЗО, според него, мора во овој период да биде водечка агенција за здравство на ООН и главен советник за техничка и здравствена политика во светот за ограничување и намалување на СОВИД-19.
На крајот од својот говор, Жерновски акцент стави и кон улогата на секој поединец во ширењето на дезинформациите околу пандемијата Ковид-19.
„За цело време на траење на памдемијата, како институции покажавме зрелост и во рамките на своите надлежности работевме во интерес за секој еден граѓанин. Им застанавме цврсто на патот на лажните вести поврзани со коронавирусот, кои ако не ги превенираме можат да создадат несогледливи последици и консеквенции по здравјето на луѓето. Македонската Влада на овој најголем здравствен предизвик даде здрав одговор“, кажа тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.