Македонија
Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив наместо вистинска правда, добивме минимизирање на трагедијата што нè скрши, вели семејството Ристовски
Семејството на починатата Теодора Ристовска преку писмено сооопштение извеси дека Апелациониот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово за двегодишната затворска казна за Менсур Пајазити.
Обраќањето го пренесуваме во целост.
„Ние, семејството на Теодора Ристовска, со длабока болка и бес ја известуваме јавноста: Апелациониот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетов, со која обвинетиот Менсур Пајазити од с. Голема Речица е прогласен за виновен и осуден на само ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР за кривичното дело што ѝ го одзеде животот на нашата ќерка и сестра.
Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимизирање на трагедијата што нè скрши.
Обвинетиот во жалбата се повикува на интересот на јавноста и на владејачката партија како фактор за „превисоката“ казна, но тој интерес е многу природен – затоа што кога млад живот е згаснат, секој е потресен. Ако судството не беше гнило и корумпирано, никому немаше да му пречи овој интерес. Наместо правда што ќе донесе мир, добиваме систем, кој со својата блага и селективна казна создава уште поголема недоверба и омраза.
Ние не бараме привилегии. Бараме човечност и фер однос – она што му припаѓа на секој граѓанин. Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот туку и самиот систем.
Го гледаме осудениот како слободно се движи, дури повторно седнува зад воланот, без видливо чувство на вина. За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој што знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност.
И покрај тоа што понатамошниот правен пат до Врховниот суд зависи од Јавното обвинителство, ние нема да молчиме. Ќе продолжиме да бараме одговорност и да сведочиме пред јавноста дека оваа неправда не смее да остане без последици.
Трагедијата на Теодора ќе остане наша вечна болка. Но срамот на оваа пресуда му припаѓа на правосудниот систем. Кога убиецот шета слободен, целата нација е жртва.
Правдата мора да биде видлива, опиплива и вистинска. Животот на Теодора не е бројка во досие – тоа е нашата вечна рана.
И нема да престанеме да бараме правда за да покажеме дека жртвите не се оставени сами.
Со почит и болка, семејството на Теодора Ристовска“.
Теодора Ристовска беше смртно прегазена во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење.
Последната пресуда за Пајазити е 2 години затвор, на што јавноста жестоко реагира, а Судскиот совет побара увид во пресудата и ја оправда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

