Македонија
Жителите на Шуто Оризари што аплицираа за инвертери викендов ќе ги предаваат старите печки
Жителите на општината Шуто Оризари што аплицираа за субвенции за набавка на клима-инвертери во Град Скопје овој викенд (сабота и недела) ќе имаат можност да ги предадат своите стари печки на дрва или на нафта во дворот на средното училиште „Шаип Јусуф“. Акцијата ќе трае од 10 до 16 часот и во двата дена, соопшти Град Скопје.
До привременото запирање на повикот за доделување субвенции за набавка на инвертер клима-уреди во Град Скопје се пристигнати 4.282 апликации. Само од општината Шуто Оризари пристигнати се речиси 120 апликации на овој јавен повик.
Град Скопје ги замолува граѓаните за трпение додека трае процесот на проверка на пристигнатите апликации. Во наредниот период ќе се организира предавање на старите печки на дрва или на нафта и во другите скопски општини за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.
Минатиот викенд ваква акција за предавање на старите печки што користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима-уреди за затоплување се организира во општината Сарај. Во акцијата во Сарај беа предадени 90 печки.
Значајно е да се нагласи дека во наредните две години, во согласност со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција за да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.
Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима-уреди за затоплување на домаќинствата ги опфати граѓаните што купиле инвертер од 1.1.2020 година до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата. На овој повик граѓаните можеа да аплицираат онлајн.
Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима-уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето-износ.
Целта на јавниот повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима-уреди е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци што чадат заради загревање на домовите во зимскиот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

