Македонија
Забрането е снимање со дронови на повеќе локации, меѓу кои и скопските гробишта

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на дронови дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на следните населени места:
1. Кочани, вклучувајќи ги с. Оризари, с. Тркање и с. Зрновци,
2. Штип со околните места,
3. Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги с. Соколарци и с. Чифлик,
4. Струмица со околните места,
5. Пробиштип со околните места,
6. Македонска Каменица со околните места,
7. Виница, вклучувајќи го с. Митец,
8. Скопје – гробишта о. Бутел, гробишта о. Ѓорче Петров, гробишта с. Горно Лисиче и гробишта с. Горно Нерези.
„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, велат од МВР.
Апелираат до граѓаните во овие денови на неизмерна тага и болка во рамки на загарантираното со Устав право на собирање и одржување на протест, истите да се одржат во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Урбаните џентлмени возеа низ Скопје за машкото здравје

Стотици урбани моторџии облечени во костуми, палта, вратоврски и елегантни чевли денеска по десетти пат продефилираа низ улиците на Скопје во рамки на глобалната акција The Distinguished Gentleman’s Ride, посветена на подигање на свеста за машкото здравје и борбата против ракот на простатата.
Со задолжителна кацига на глава и на класични мотори, учесниците беа дел од светско движење што годинава се одржа во 108 држави и собра над илјада учесници.
Скопје за првпат стана дел од оваа урбана и хуманитарна мото-приказна во 2016 година, благодарение на иницијаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои успеаја низ годините да го задржат ентузијазмот и интересот за ова уникатно дружење со хуманитарна цел.
Како и претходните години, собраните донации ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, од каде потоа се распределуваат кон болници и институции кои се борат за подобрување на машкото здравје и заштита од рак на простатата.
Македонија
Таравари: Горд сум на Алијансата за Албанците, ќе победиме на локалните избори

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук изрази гордост за одлуката на партијата да ја напушти Владата, истакнувајќи дека, и покрај обидите да се прикаже како поделена, АА е посилна од кога било.
„Горд сум на секој од вас што е дел од Алијансата за Албанците, горд сум на сите вас што цврсто стоевте при нашето излегување од Владата“, напиша Таравари.
Тој им порача на критичарите дека обидите да се создаде слика за разединетост не успеале.
„На оние кои се обидуваат да нè прикажат како поделени, ви велам – вашата серија не е успешна. Гордо сме посилни од кога било“, истакна лидерот на АА.
Таравари заврши со порака дека партијата ќе излезе како победник на претстојните локални избори во октомври.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски направи хаос и задолжи три генерации

Опозициската СДСМ денеска со реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото признание за слабостите на Владата доаѓа предоцна и дека за десет месеци владеење, ВМРО-ДПМНЕ направила „непоправливи штети“ во државата.
„Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму обвинуваат дека Владата за краток период „ја уништила економијата, го срозала стандардот и ги закопала перспективите“, без да реализира ниту еден сопствен проект.
„Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Денес гордо се сликаат пред инвестиции што ги започна СДСМ“, велат од партијата.
Според нив, во јавноста постои „огромно незадоволство“ од политиките на Владата, што, како што посочуваат, ќе се одрази на следните избори.
„Мицкоски не е ни свесен за гневот меѓу граѓаните. Затоа сега најавува победи – затоа што знае дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“, стои во реакцијата на СДСМ.