Македонија
Забрчанец на форумот во Блед: Владите имаат должност да објавуваат и вешто да промовираат точни информации

Националниот координатор за стратешки комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, учествуваше на панелот на тема „Во борба против дезинформациите со информации: Обезбедување безбедност преку факти“, во рамки на Бледскиот стратегиски форум, кој оваа година беше посветен на „Иднината на Европа“.
Панелот си постави за цел да одговори што прави ЕУ на темата борба против дезинформациите, како со оваа појава се справуваат одделните држави и граѓанските организации и како борбата против дезинформациите со информации и обезбедување безбедност преку факти рефлектира на иднината на Европа.
Забрчанец рече дека нашата земја беше изложена на дезинформации кои во одредени периоди добиваа на интензитет какви што беа во случаите со уставните промени и референдумот, договорот од Преспа, изборните периоди и за време на целиот период на спроведување на реформските процеси во земјата.
Ширењето дезинформации е постојано нагласено и во однос на мигрантските кризи, особено во последниот период во однос на кризата во Авганистан и со бегалците од оваа земја како хуманитарната криза.
Лажните вести и дезинформации, потенцираше Забрчанец, беа и сè уште се активни кога е во прашање пандемијата со Ковид-19 и особено во актуелниот период кога во земјата се спроведува масовната вакцинација која се опструира со дезинформации.
„Дезинформациите и лажните вести се сериозна закана за демократијата и демократските процеси и за справување со овие појави Владата на Република Северна Македонија креираше акциски план со насоки за препознавање и за демистификација и ги покани сите засегнати страни да се вклучат во постојаното усовршување на планот за успешна и ефикасна борба против дезинформациите“, истакна Забрчанец.
Тој посебно нагласи дека во борбата со дезинформациите е неопходна проактивност и активна транспарентност наместо само реактивна и дефанзивна стратегија поради фактот што на тој начин оние што ги продуцираат лажните информации ќе бидат постојано во предност.
„Треба да создадеме услови за промена на играта. Владите, граѓанските и меѓународните организации кои се обединети во заедничката борба против дезинформациите, наместо да живеат во страв, треба да бидат проактивни во промоцијата на демократските вредности и со активна транспарентност да ги елиминираат влијанијата на дезинформациите. Кога граѓаните ги имаат на увид сите факти, на креаторите на дезинформации ќе им биде многу потешко да манипулираат. Тие информации најтранспарентно треба да се обезбедат, да се продуцираат, да се публикуваат и промовираат“, потенцираше Забрчанец и додаде дека со дополнителна интензивна меѓусекторска соработка, како и со стратегиска програма за медиумска писменост се создаваат услови за заедничка и ефикасна промоција на демократските вредности како противтежа на дезинформациите.
Националниот координатор за стратешки комуникации, на панелот во Блед нагласи дека соработката и вмрежувањето за споделување искуства и за дефинирање на клучните заеднички активности за борба против дезинформациите помеѓу сите засегнати страни во земјата, но и во регионот, е од исклучителна важност.
Во завршницата на панелот Забрчанец потенцираше дека информациската војна меѓу поддржувачите и противниците на демократијата ќе ја добијат оние кои имаат јасен концепт и јасна визија за иднината и за развојот на општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.