Македонија
Загадувањето во Струмица алармантно, стапуваат во сила препораки и мерки

Во согласност со уредбата за изменување и дополнување на уредбата за гранични вредности за нивоа и видови загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Службен весник на Република Македонија“ бр. 183 од 14.12.2017 година), во која е дефиниран прагот на алармирање суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg/m3 во текот на два последователни дена) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Министерството за животна средина информира дека тој е надминат на мерните места во Кичево и Струмица.
Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на ПМ 10 на мерното место, каде што има појава на надминување на прагот на алармирање.
*концентрациите се изразени во mg/m3
Во согласност со заклучоците од записникот од 40. седница на Владата на Република Македонија, за градот Струмица стапуваат во сила следните препораки и мерки:
Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство е должно да:
• препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар;
• препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата што работат на отворено да работат од 11 до 17 часот;
• препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено;
• обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата на Република Македонија:
• да ги задолжи сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на единиците на локалната самоуправа да ја намалат (до 50 %) употребата на службените возила;
• да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и единиците за локална самоуправа:
• да обезбедат прифатилишта за сместување бездомници;
• да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство:
• да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сѐ до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина:
• да почне со вршење зачестена контрола на инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во дозволата во однос на емисиите во воздухот.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:
• препорака до инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола за намалување на капацитетот на производство (до 50 %), со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите што произведуваат топлинска или електрична енергија.
ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.