Македонија
Задолжителен ПЦР-тест за државјаните на Косово кои транзитираат низ земјава
Сите државјани на Косово кои транзитираат низ земјава ќе мора да приложат негативен ПЦР-тест направен во последните 72 часа, одлучи Владата.
Ваквата одлука следува по препорака на Комисијата за заразни болести.
„На седница Владата ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести согласно која сите патници, државјани на Косово коишто поминуваат низ Република Северна Македонија, треба задолжително да приложат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа“, соопшти Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шесте автобуси на гас стигнаа со правописни грешки на налепниците за ориентација, нарачани се нови налепници
Со правописни грешки на албански и македонски јазик на ориентационите налепници стигнале новите автобуси на природен гас кои Европската Унија ги донираше за ЈСП.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање известија дека грешките се веднаш воочени и изготвени се нови налепници од страна на УНОПС, кои ќе бидат заменети пред пуштањето во употреба на шестте еколошки автобуси, наменети за подобрувањето на квалитетот на воздухот во градот Скопје.
Автобусите се донацијата во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“, вреден 10 милиони евра, кој се очекува да придонесе кон намалување на загадувањето, а ги опфаќа најмногу загадените градови во земјата – Скопје, Битола, Куманово и Тетово.
Македонија
Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година
Место со непотребна документација, од јуни следната година матичните лекари ќе имаат повеќе време да се посветат на пациентите оти ќе бидат ослободени од административните работи што ги бара хартиеното работење. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, најави дека хартијата целосно ќе биде исфрлена од употреба и во ординациите, и во аптеките, и во Фондот за здравствено осигурување.
„Разбираме дека има сè помалку луѓе за работа и дека треба да ја намалиме здравствената администрација. Две работи веќе можеме да ги објавиме. Работиме на е-рецепти, кои до крајот на полугодието во 2025 година треба да бидат во полна употреба и во функција. Со нив комплетно ќе се елиминира од функција хартијата и кај матичните лекари, и кај аптеките, и во Фондот поврзани со рецепти. Ќе ги дигитализираме и сите анекси за 1.500 ПЗУ за тие да може да се потпишуваат дигитално, да нема потреба да се потпишуваат во хартиена форма. Понатаму, ќе разговараме како можеме да го намалуваме товарот за лекарите да имаат сè повеќе време за разговор со пациентите, а да не се занимаваат со непотребна администрација“, рече директорот Клековски.
Безхартиеното работење на матичните лекари е само една од работите што на состанок со Фондот ги договориле претставници на лекарите. Договорено е покачување на капитацискиот бод, укинување некои од казните и дестимулативните мерки, нова програма за превенција, која ќе вклучи превенција од најчестите форми рак во земјата, а договориле и матичните лекари во руралните средини да не мора да ги затворат ординациите доколку во рок од 60 дена не најдат медицинска сестра како што налага сега законот. Тие добија рок од 24 месеци за да се снајдат и да вработат медицинска сестра.
„Ќе им биде дозволено да немаат медицински сестри следните 24 месеци, период во кој мораме да дадеме системски поглед на прашањето законски како ќе функционираат понатаму тимовите. Исто така, зголемени се бодовите за руралните лекари. За 22.500 нето се зголемени фиксните примања на лекарите за да се објави дека имаат зголемени трошоци и поради нивното патување до местото на ординациите. Тоа е веќе решено со менување на правилникот. Значи, за руралните подрачја одлуките се веќе донесени, објавени и стапуваат во сила“, рече директорот Клековски.
За другите прашања формирани се заеднички тимови, кои имаат рок до 15 декември да најдат заеднички решенија. Лилија Чолакова-Дервишова, матична лекарка од Велес и претседателка на Здружението на приватните лекари на Македонија, рече дека веќе го поднела барањето за покачување на капитацискиот бод за матичните лекари.
„Ние дадовме аргументи колку пати се покачувани платите во јавното здравство, а колку кај нас. Сега барањето беше бодот да биде 100 денари. Нашето барање е од јануари. Се надеваме дека оваа Влада ќе излезе во пресрет на сето ова. Бараме сигурност за да можеме и ние на нашите вработени да им има дадеме плата, К15, да ги задржиме, да немаме прелевање на кадарот од кај нас во јавното здравство. Ако постојано се покачува платата во јавното здравство, тогаш нашите медицински сестри ќе се прелеат во јавното здравство, а не е суштината да го дестабилизираме примарното здравство, што основниот чувар на здравствениот денар“, рече Чолакова-Дервишова.
Таа нагласи дека состанок како денешниот со директорите на Фондот и голема група матични лекари,немало последните 7-8 години. Ја искористиле можноста да ги кажат сите проблеми со кои се соочуваат и очекуваат од следната година многу од нив да бидат решени.
Македонија
Сиљановска-Давкова им посака успешна работа на новите членови на Комисијата за помилување
Денеска во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување, откако Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на комисијата.
За претседател на Комисијата за помилување е именувана д-р Милка Ристова, а за членови се именувани проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.
На првата седница на новиот состав на Комисијата за помилување присуствуваше претседателката Сиљановска Давкова, која на членовите на комисијата им посака успешна работа, изразувајќи уверување дека комисијата со својата работа, почитувајќи ги принципите за транспарентност и отчетност, праведност и еднаквост, хуманост и разбирање, ќе придонесе за јакнење на институционалната доверба, а одлуките ќе бидат пример за почитување на демократските вредности.
Претседателката истакнувајќи ги своите заложби за владеење на правото и почитување на човековите права, ја нагласи важноста на институтот помилување и потребата целата постапка да не биде предмет на дневнополитички препукувања.
Таа изрази очекување дека сите одлуки на комисијата ќе бидат во согласност со јавниот интерес и општествените вредности, а секој случај ќе се разгледува со најголема професионалност, во рамки на законски утврдена постапка.
Претходниот состав на Комисијата за помилување пред околу еден месец поднесе колективна оставка, откако помилувањата кои ги потпиша претседателката предизвикаа бројни реакции во јавноста. Одлуките за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.