Македонија
Задолжително носење маски во здравствените установи, препорачува Комисијата за заразни болести
Задолжително носење маски во здравствените установи, оваа препорака ја донела Комисијата за заразни болести по денешниот состанок, информира портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
На состанокот се дискутирало за состојбата со коронавирусот во земјата, а била донесена препораката за задолжително носење на маските во здравствените установи.
Ова, како што вели Мехмедовиќ, е со цел да се минимизира можноста за пренесување на заразата, особено онаму каде што имаме загрозени групи, кои може да бидат подложни на тешка компликација како резултат на инфекција со коронавирус.
Препораката, како што информира, ќе биде доставена до Министерството за здравство и ресорниот министер.
Во однос на целокупната ситуација во земјата и бројот на лекови, како и вакцинацијата, било заклучено дека во моментот во државата има доволно вакцини и лекови што може да бидат на располагање.
Информира дека засега нема препораки за маски во јавниот превоз и во домовите за стари лица и за лицата со посебни потреби, а во врска со носењето маски во аптеките, Мехмедовиќ појаснува дека во тие објекти препораките се неформални.
Според портпаролот на Комисијата, во државата има мал број случаи на заразени од коронавирус. Сепак, истакна дека не може лесно да се собере материјалот што треба да се обработи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стартува мониторинг системот за енергетска заштеда од фотоволтаиците во училиштата во Кисела Вода
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес во ООУ “Кирил Пејчиновиќ” присуствуваше на пуштањето во употреба на онлајн мониторинг софтверот, кој претставува финална активност во рамките на проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност и заштита на човекова околина“.
Со овој чекор целосно се заокружува реализацијата на проектот, во рамките на кој беа поставени фотоволтаичните системи во сите основни училишта на територијата на oпштина Кисела Вода.
Мониторинг софтверот претставува web-базирана платформа преку која во реално време може да се следи моменталното производство на фотонапонскиот систем, вкупното дневно, месечно и годишно производство на електрична енергија, како и вкупно произведената енергија од денот на пуштање во работа на системот до денес. Дополнително, софтверот овозможува континуирано следење на работата на системите. При појава на евентуални аномалии, корисниците автоматски добиваат известување, што овозможува навремена реакција и максимално искористување на сончевата енергија.
Со проектот беа проектирани и инсталирани мрежни он-грид фотоволтаични системи со вкупна моќност од 140 kW во сите основни училишта во општината Кисела Вода, како и едно училиште во општина Зелениково. Овие инвестиции овозможуваат годишна заштеда од околу 160 MWh, односно 70 до 80 проценти по училиште, што претставува 18 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија на општината, со значителен придонес кон заштитата на животната средина и намалување на емисиите на јаглероден диоксид.
„Со денешното пуштање во употреба на мониторинг софтверот заокружуваме една целина која претставува вистински пример за современ и одржлив пристап кон енергетското управување. Благодарение на овие системи, нашите училишта веќе остваруваат значителни заштеди и активно придонесуваат кон намалување на енергетската зависност. Енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија се приоритет на мојата работа и ќе останат насока во која ќе продолжиме и во наредните четири години: кон зелена, модерна и енергетски самостојна општина“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Стопирани 130 милиони евра за македонските земјоделци – Николовски предложи план за надминување на состојбата со ИПАРД по корупцискиот скандал
Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски истакна дека поради суспензијата на исплатите од европската ИПАРД програма, над 130 милиони евра инвестиции во земјоделството се ставени во мирување, а земјоделците и компаниите се соочуваат со неизвесност и недоверба.
„Суспензијата на исплатите поради корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието предизвика шок, недоверба и огромна неизвесност кај илјадници македонски земјоделци и компании“, изјави Николовски.
Според податоците што ги изнесе, со суспендирањето на ИПАРД 3, блокиран е целиот буџет од 128 милиони евра, од кои дел веќе бил ставен во употреба за кофинансирање на земјоделски инвестиции.
„Досега има склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои се исплатени само 10 милиони. Над 180 инвестиции, вредни повеќе од 25 милиони евра, се директно погодени, а уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани,“ посочи тој, додавајќи дека овие бројки ги потврдило и Министерството за финансии.
Николовски нагласи дека зад бројките стојат луѓе, семејства и фирми кои вложиле сè во модернизација и очекувале поддршка од државата и Европската Унија.
„Тие денес се оставени без одговор кога и дали ќе им бидат исплатени средствата, дали воопшто ќе можат да продолжат со проектите,“ изјави тој.
Пратеникот нагласи дека ситуацијата претставува сериозен ризик за економски колапс во земјоделството и дека потребно е итно институционално делување.
„Ова е силен удар – програмата која беше симбол на развој и модернизација денес е на колена,“ рече Николовски, додавајќи дека владата и ресорните министерства мора да реагираат координирано и одговорно.
Тој го претстави планот на СДСМ за деблокада на ИПАРД, кој предвидува неколку клучни чекори:
Утврдување на фактичката состојба и институционалните слабости што довеле до суспензијата.
Изработка на акциски план, кој државата ќе го достави до Европската комисија, со јасни антикорупциски мерки, засилена контрола и поголема транспарентност во спроведувањето на европските фондови.
„Нашата порака до Брисел мора да биде јасна – ова е изолиран случај, а секој што е инволвиран ќе биде санкциониран,“ порача Николовски.
Николовски ја заврши прес-конференцијата со повик за институционална одговорност и системска промена во управувањето со европските програми.
„Време е да изградиме систем кој нема да зависи од поединци, туку од јасни правила, интегритет и отчетност. Само така ќе гарантираме дека европските средства ќе продолжат да се користат таму каде што им е местото – за поддршка на македонските земјоделци и развојот на руралните средини,“ рече пратеникот.
Македонија
(Фото) Почна изградбата на мегапаркот во Бутел
Мега парк со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони, со содржини наменети за сите возрасти, кој ќе се простира на површина од 8000 метри квадратни, вака го најави новиот проект градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Изградбата на паркот, кој е прв проект ветен во програмата на Ѓорѓиевски, почна денеска.

„Денес, заедно со градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, го означивме стартот на изградбата на мега паркот, со кој всушност започнува реализацијата на првите проекти ветени во мојата програма. Запуштениот простор долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ ќе прерасне во модерен и функционален зелен простор – мега парк со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони, со содржини наменети за сите возрасти, кој ќе се простира на површина од 8000м2“, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека ова е еден од четирите мега паркови ветени во неговата програма.
Дополнително, рече градоначалникот, предвидуваме изградба на околу 50 мали паркови во сите општини, со што секој дел од Скопје ќе добие свој зелен агол.

