Македонија
Заев: Ако Мицкоски се грижеше за здравјето на граѓаните, немаше да ги крши мерките

Ако Мицкоски се грижеше за здравјето на граѓаните, немаше да ги крши здравствените мерки, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, призна дека вчера бил на ручек во кафеана во затворениот дел од објектот.
Заев вели дека ако само ако сите ги почитуваме мерките и забраните, ќе можеме да се заштитиме од пандемијата.
„Ако ние политичарите не се придржуваме на одлуките и забраните, ако ние даваме погрешен и срамен пример пред граѓаните, тогаш не треба ни да се занимаваме со политика. Не му е првпат на лидерот на опозицијата да покажува, ем со зборови, ем на дело, незрело и неодговорно однесување во врска со пандемијата. Не му е првпат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да не ги почитува мерките и дрско да лаже и да ја манипулира јавноста во врска со тоа. Но, неговите лаги се плитки, на неговите лаги им се куси нозете“, напиша Заев на „Фејсбук“.
Како што никој не веруваше во приказната за мали деца за „отсјајот во теретаната“, додава тој, така сега никој не верува во приказната дека лидерот на опозицијата не бил информиран доволно за новите протоколи.
„Па, како е можно да не бил информиран, кога министерот за внатрешни работи постојано кажува дека редовно го информира својот шеф за сите одлуки и мерки на Владата? Како е можно Мицкоски да не знаел дека неговата „средба со познаници во една скопска кафеана“ е арогантно кршење на правилата за заштита на здравјето?“, прашува Заев.
Лидерот на СДСМ напиша дека граѓаните со право го осудувале незрелото, лицемерно, непринципиелно и неодговорно однесување на политичарите како Мицкоски.
„Граѓаните знаат дека неговото извинување е лажно. За неговото грубо кршење на здравствените мерки тој ја обвинува власта, небаре власта го однесе во кафеана во време на забрана. Наместо искрено да се извини и да ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките што тој ги прекрши, се одлучил власта да му биде виновна.
За политичари кои дрско, арогантно и безобразно кршат здравствени протоколи, не треба да има место во политиката. Политичари кои дење лицемерно глумат дека се загрижени за здравјето на граѓаните, а навечер ги кршат здравствените мерки, привилегирани политичари кои мислат дека вежбалниците и кафеаните треба да бидат отворени само за нив, ќе добијат силно НЕ од граѓаните“, напиша Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.