Македонија
(Видео) Заев: Борците од НОВ ја отпочнаа борбата за слобода, а нашата генерација ја повтори

Исправени, полни со гордост, ја одбележуваме 78 годишнината од државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“, застанати рамо до рамо, заедно повеќе генерации, заедно со нашите борци и борки, учесници и сведоци на големиот историски настан со кој беше означен почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во нашата земја, против злото наречено фашизам, со овие зборови премиерот Зоран Заев го започна своето обраќање на свечената програма за одбележување на празникот во Куманово.
Заев нагласи дека на 11 октомври во 1941 година, во Куманово и во Прилеп бил означен почетокот на завршните процеси за впишување на македонска држава на мапата на народите на светот.
„Тоа утро, во Прилеп и Куманово пламна искрата на борбата, на отпорот, на стремежот нашата земја да биде дом на слободата, победник над окупацијата. На тој начин, малата земја, Македонија, стана едно со светскиот победнички сојуз на државите што се кренаа против фашизмот. Храбрите борци и борки со својот херојски и епски гест порачаа дека идните генерации државноста и слободата никогаш не смеат да ја изгубат или да ја доведат во прашање. 78 години овој завет е жив и никогаш нема да биде заборавен“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека нашата држава е создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани, како едно општество на сите и за сите.
„Пред 78 години борците од НОВ ја отпочнаа борбата за слобода и ја добија слободата. Нашата генерација, на свој начин ја повтори таа борба, и еве ја повторно слободата – ја живееме, ја уживаме. Слободата нека ни биде инспирација да си помагаме едни на други, да работиме на еднаквоста и солидарноста, да ја чуваме околината, да градиме системи што ќе останат, да им служиме на своите граѓани, да се почитуваме. Тоа е современиот патриотизам. Тоа е европската иднина за Северна Македонија“, посочи Заев.
На свеченостите во Куманово се обратија претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците, доктор Никола Стојановски. Тој потсети на херојскиот подвиг на неговите соборци и соборки во епопејата на Народно-ослободителната војна означена со почетокот на 11 октомври во 1941 година.
„Нашата земја, нашиот народ, во содејство со другите народи од поранешна Југославија, заедно со сојузниците од светската антифашистичка коалиција, може да биде горда. Меѓу првите во Европа застанавме на вистинската страна против најголемото зло – фашизмот. Така ја создававме државата преку АСНОМ, нејзиниот темелник, до завршните здружени операции во 1945 година. Никогаш да не ги заборавиме спомените и спомениците на славната борба, на Епохата на оваа победничка земја и никогаш да не го забораваме делувањето на Сојузот на борците“, истакна во својот говор Стојановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).