Македонија
Заев во дводневна посета на Грција
Премиерот Зоран Заев, утре и задутре, 15 и 16 септември, ќе оствари работна посета на Грција, придружуван од делегација на Владата, во чиј состав ќе бидат и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што соопштија од Владата, Заев ќе учествува на 24. тркалезна маса со грчката влада во организација на угледниот магазин „Економист“, а ќе има средби и со грчкиот премиер и со грчката претседателка.
На тркалезната маса на „Економист“, на која оваа година доминираат темите за справување со пандемијата предизвикана од Ковид-19 и потребата од нови здравствени политики, лекциите од менаџирањето со глобалната здравствена криза и влијанието на глобалната и европската економија, Заев ќе има свое обраќање на панел-дискусијата посветена на Западен Балкан.
Заедно со него, на овој панел, посветен на прашањата за проширувањето на Европската Унија и реформите што треба да се спроведат, како и за трговијата и инвестициите, ќе дискутираат и поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина, Златко Лагумџија, како и поранешната министерка за надворешни работи на Грција и актуелна пратеничка од партијата Нова демократија, Дора Бакојани.
Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од грчката влада, меѓу кои се и за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција и други.
Во агендата на дводневната работна посета на Атина на премиерот Заев, на 16 септември е предвиден работен ручек со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, на кој му претходи средба со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.
Премиерот Заев ќе има и повеќе средби со бизнисмени на конференцијата на „Економист“, како и со претставници на грчката бизнис-заедница.
Битиќи и Димитров за време на оваа дводневна работна посета на Атина ќе остварат средби со свои колеги и други членови на владата на Грција, а Османи ќе оствари работна средба со својот колега, шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, како прва официјална средба по назначувањето на новата функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.