Македонија
Заев го поднесе предлогот за влада до Собранието: Сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред секој ден

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го поднесе предлогот за влада до Собранието, а пратениците ќе треба да ја изгласаат на пленарна седница, која треба да ја закаже претседателот Талат Џафери. Тој напомена дека кадрите се во согласност со мнозинската волја на граѓаните, а 19-те министри што се предложни, според Заев, се спремни да сработат сè што ветиле во следните четири години.
„На изборите на 15 јули, на фер и демократски избори, народот го кажа својот став, кој денес го преточуваме во конкретни кадри и програма во согласност со мнозинската волја. Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна влада, која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети, членството во НАТО и ЕУ, добрите меѓусоседски односи, внатрешната кохезија, справување со коронавирусот и нова енергија, решителност во созревањето одржлив развој, ефикасна правна држава, модерно образование и силни институции. Денеска како мандатор до Собранието доставувам предлог за влада, која е подготвена да сработи во полн четиригодишен мандат. Со мене денес се 19 министри и министерки, сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред секој ден, секој час, дека ќе работиме уште подобро и уште повеќе. Сите заедно да ги удвоивме нашите напори и да го направиме секое населено место подобра средина за живеење“, рече Заев.
Тој посочи дека очекува кадрите шот ги предлага да го добијат мнозинството гласови по што следната недела државата да го добие новиот состав на владата.
„Денеска, до Собранието предлагам одговорни, професионални и отчетни кадри, кои ќе ги задолжам со конкретна мисија и цели, во ваше име, кои ќе имаат задача да работат исклучиво за граѓаните и европската трансформација за нашата земја. Очекувам претседателот Талат Џафери да даде доволно време пратениците да се запознаат со програмата, но исто така и со биографиите на предложените кандидати. Очекуваме квалитетна дебата во Собранието и дека овие предлози ќе го добијат потребното мнозинство по што веќе следната недела Северна Македонија ќе ја добие новата влада посветена на реализација на програмските определби“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.