Македонија
(Видео) Заев: Груевски, Македонија расчисти со тебе

Премиерот Зоран Заев, по целодневната дискусија на седницата за интерпелација на Владата, од собраниската говорница ја повтори програмата на владејачката гарнитура, а се осврна на тоа што затекле сегашните функционери кога влегле да раководат со институциите. Според Заев, неточни и неосновани се укажувањата од опозицијата.
„Груевски, Македонија расчисти со тебе. Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе му нанесат штета на буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенерира во самите институции. Тоа мора сами да го направиме. Низ тешките премрежиња се создаде парламентарно мнозинство кое вети дека ќе донесе реформи. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа се ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена од опозицијата“, рече Заев.
Тој додаде дека не му било лесно ниту на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Оваа постапка за изгласување доверба на Владата ја прифаќам како едно резиме. Да ги видам вашите аргументи, нешто да научам. Да бидам искрен, очекував повеќе. Велите планот 3-6-9 е во колапс, но немате аргумент. Со гласање на реформските закони, ќе имаме 100 проценти исполнување на договорот. Нема подобар доказ за исполнување на планот од тоа што го кажуваат ЕУ и НАТО, односно дека Македонија може да очекува одлука за почнување преговори. Постапката за носење на реформските закони требаше да започне од денес, ама опозицијата се реши за интерпелација“, тврди Заев.
Премиерот рече дека во идниот период ќе се намалува бројката на невработени и ќе има повеќе странски инвестиции.
„Оваа година ќе биде најважната за судските реформи. Јас сум среќен што градиме политички консензус за ваква реформа. Укинато е и владиното рекламирање, по 7-8 милиони евра се трошеле во изминатите години. Транспарентни сме, секоја недела имаме прес-конференции и објавуваме сè што е во интерес на граѓаните. Порано граѓаните бараа, власта криеше. Сега не е така. Наша цел е владеењето на правото, интензивирање на економскиот развој“, додава Заев.
Заев ги кажуваше и сумите што ги трошеле тој и функционерите на власт во споредба со ексфункционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека разликата во сумата ќе заврши во продуктивни цели. Според премиерот Заев, се отвораат нови работни места и се креираат мерки за компаниите да отвораат нови работни места.
„По ова цунами, ја потрошивме зимата на планови и проекти. Пролетта ќе биде за остварување. Со контрибуцијата на опозицијата во парламентот, ќе биде поголема мотивацијата. Работиме за унапредување на патната инфраструктура. Кинеските провизии некој ги здипли во својот џеб, а домашните компании работат за 57 проценти помала сума од кинеските компании“, вели Заев.
Според него, парите се враќаат кај граѓаните со сите направени ревизии, мерки, субвенции добиените грантови.
„Можам да набројувам до утре наутро, сите мерки што ќе дадат напредок на државата. Кратиме од непродуктивните трошоци за да ја зголемиме социјалната помош, која во јануари в година ќе ја подигнеме на 11.500 денари“, рече Заев
Тој ги повика сите граѓани да го поддржат концептот на работа на СДСМ, а во последните секунди од собраниската говорница Заев го повика претседателот Ѓорге Иванов да го потпише законот за јазиците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.