Македонија
Заев до Вархеи: Северна Македонија останува посветена на европската агенда, почнува серија длабоки реформи
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска на барање на еврокомесарот за соседство и проширување на Европската комисија, Оливер Вархеи, имаше работен состанок преку видеоконференциска врска.
На состанокот беше разговарано за подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан, добрососедската политика, како и за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција со Европската Унија.
Како што истакна еврокомесарот Вархеи, Европската комисија останува посветена на помошта и во човечки ресурси но и финансиски кон Северна Македонија. Во моментов траат последните подготовки околу економско-инвестицискиот план, чија цел е намалување на финансискиот јаз помеѓу Северна Македонија и Европската Унија. Во планот се предвидени речиси 9 милијарди евра за регионот од Западен Балкан.
Комесарот Вархеи се интересираше и за приоритетите на новата Влада, како и мерките кои во моментов се преземаат кон намалување на последиците од коронавирусот и реформите во клучните ресори во земјата.
Премиерот Заев ја истакна својата благодарност до ЕУ за поддршката во борбата со коронавирус кризата. Истовремено, ги презентираше приоритетите на Владата во следниот четиригодишен мандат и го увери комесарот Вархеи дека како држава остануваме посветени на силна имплементација на европската агенда и техничките процеси кои нè очекуваат.
„Реформите во безбедносниот систем, јавната администрација и правосудството се главниот фокус на новата Влада.
Истовремено, за Владата претставува стратешки приоритет отворениот дијалог со сите општествени чинители вклучувајќи ја и опозицијата за сите клучни прашања и реформи кои се важни за напредокот на Северна Македонија“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време преку ден, попладне краткотројно невреме
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност.
Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа со услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец најизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 27 степени, јавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок. Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.