Македонија
Заев за Денот на албанската азбука: Градиме општество со почит кон етничките разлики
Со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Северна Македонија, вели премиерот Зоран Заев во честитката по повод Денот на албанската азбука.
Првиот човек на Владата вели дека овој ден е од голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во историјата на Албанците, и во нашата заедничка историја.
Во продолжение целата честитка од Заев:
Во градот на конзулите, избран за седиште на овој конгрес, кој се одржал од 14–22 ноември 1908 година, се собрале голем број истакнати албански личности од културниот и политичкиот живот од почетокот на 20 век. Претседателот на Конгресот, Мит’хат Фрашери и потпретседателите Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќиријази, претседателот на Комисијата Ѓерѓ Фишта, како и единствената жена на Конгресот Парашќеви Ќиријази, која подоцна ќе го напише првиот буквар на стандардизираниот албански јазик и азбука која што е во употреба до денешен ден.
Денеска, во Музејот на албанската азбука во Битола, се наоѓа одлуката за единствено, стандардизирано албанско писмо, како и копијата од првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462 година.
Со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката, албанското писмо станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноличното богатство на светското културно наследство.
Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ и се произлезени од универзалното право на самоопределување. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој.
Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница.
На тоа нè повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во Европската Унија.
Со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Република Северна Македонија.
Градиме едно и единствено, општество еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво кое се градеше со векови, што претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Затоа сме горди, и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно.
Тоа е силен доказ дека јазикот и писмото се мостови до другите традиции, култури и духовни наследства. Тоа се клучевите што ги отвораат портите на другите светови за да се запознаваат, почитуваат и да се помагаат едни со други.
Во оваа пригода сакам да упатам порака до сите граѓани на Република Северна Македонија дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите народи и етнички заедници.
Тоа е европски начин. Тоа е и нашиот начин.
Нека е честит Денот на албанската азбука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

